Bekim Laci
15 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од 22 до 27 август во Струга ќе се одржи 57. издание на Струшките вечери на поезијата кое ќе го задржи стариот програмски концепт кој претрпе содржински промени во минатото, со цел да покани светски познати поети кои ќе ѝ се претстават на јавноста за време на вечерите на фестивалот. Ова го соопшти директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефкоски, кој заедно со претседателката на Управниот одбор на фестивалот, Елизабета Шелева, ги соопшти деталите околу овогодинешното издание, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на овој фестивал, Мите Стефкоски, истакна дека за разлика од минатата година, кога имале за цел да претстават истакнати имиња во поезијата, овогодинешното издание ќе се карактеризира со разновидност на поезијата, фокусот ќе биде на нордиската поезија што е во соодветство и со добитникот на наградата „Мостовите на Струга“, но ќе има и поети од целиот континент, што останува принцип при испраќањето на поканите за учество.
Тој нагласи дека пет стихозбирки се избрани за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година, од кои ќе биде избрана добитничката поезија.
Годинава во трка за наградата се: „Небесна пантомима“ од Зоран Анчевски; „Под дервишовото сиќе“ од Андреј ал Асади; „Гласови“ од Јордан Даниловски; „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски и „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска.
Наградата се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга на македонски јазик меѓу двата фестивали.
Претседателката на Управниот одбор на фестивалот, Елизабета Шелева, нагласи дека овогодинешниот добитник на наградата „Златен венец“ е полскиот поет Адам Загајевски за кого рече дека создава поезија широкоприфатена и по мерка на човекот, која се занимава со најдлабоки и најдраматични теми поврзани со човечката егзистенција, како што се селидби, обескоренетост и прашања за смислата на постоењето.
Струшките вечери на поезијата започнуваат наредната среда со садење на дрво во „Паркот на поезијата“ во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“ за 2018 година, Адам Загајевски, а дел од фестивалот се и поетски читања, поезија на улица, симпозиуми...
Престижната награда „Златен венец“, на Загајевски ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот, на традиционалното поетско читање „Мост“, кога ќе се доделуваат и наградите „Мостови на Струга“, што ги доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, а овогодинешниот добитник е Паули Тапио од Финска.