Admir Fazlagic
19 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со настап на триото на австрискиот пијанист Давид Хелбок вечерва во Македонската опера и балет во присуство на многубројни љубитељи на џез музиката почна 36.Скопски џез-фестивал, јавува Anadolu Agency (AA).
Оливер Белопета, директорот на скопскиот Џез фестивал ги поздрави присутните и ја претстави програмата на фестивалот. Тој го најави Хелбок како припадник на генерацијата џез-музичари кои функционираат по сопствени индивидуални насоки, поместувајќи ги границите радикално, како што наведе „повторно структуирајќи го нашето разбирање за тоа што е стара, а што нова музика."
Сегашното трио на пијанистот Хелбок во 2016. година го објави албумот „Into the Mystic" за музичка куќа ACT. Тој е добитник на наградата за исклучителен уметник на Австрија. Исто така, на првата фестивалска вечер настапува и големиот ансамбл од Норвешка – Трондхејм џез оркестра со Оле Мортен Ваган. Според организаторите, тие се сметаат за еден од најкреативните џез-состави во Европа.
Во наредните три дена, триесет и шестиот Скопски џез-фестивал ќе продолжи и до затворањето, во недела, ќе донесе изведувачи од Европа, САД и од Африка.
Како ексклузивно е најавено утрешното гостување на Ди Александер од Чикаго, претставена како една од најдобрите џез-пејачки во светот. Исто така, според програмата во МОБ утре ќе биде и концертот на Интерзоне на Марио Ром од Австрија.
Во сабота е предвидено да настапат музичари од САД, Марк Рибо со проектот „Јанг Филаделфијанс“ и Стив Колмен со препознатливите Фајв елементс.
В недела, на последната фестивалска вечер, ќе гостува уште еден ансамбл од Норвешка - Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит кој ќе го затвори годинашниот фестивал, откако претходно во истата вечер во МОБ со својот квартет ќе настапи Крег Тејборн, најавен како еден од најдобрите светски џез-пијанисти. На 22 октомври во скопското кино „Фросина“ соло-настап ќе има и Роберто Отавиано, истакнато име на италијанскиот џез.
Оваа година, Скопскиот џез-фестивал годинава ќе има и два полноќни концерта - на 20 октомври ќе гостуваат Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс од Африка, а на 21 октомври - Британецот Ентони Џозеф со својата група.
Во рамките на фестивалот ќе има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација. Презентацијата на Ичо Видмар „New Music In New York” и проекцијата на документарниот филм „The Jazz Loft According To W. Eugene Smith“ ќе се одржат во кино „Фросина“ на 21 октомври.
Инаку, Скопскиот џез фестивал е една од водечките културни манифестации во Македонија, со традиција од 36 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез фестивали во Европа.
Фестивалот започна во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латино-американската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари. Скопските џез фестивал е член на престижната асоцијација „Европска џез мрежа“ (Europe Jazz Network).