Musa Alcan
11 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денеска e претставена програмата за 6. Босфорски филмски фестивал, кој ќе биде отворен на 26 октомври оваа година, во организација на Меѓународното здружение за кинематографија „Богазиџи“ и Истанбулската академија за медиуми, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за фестивал кој е започнат на иницијатива на Министерството за култура и туризам на Република Турција. Глобален медиумски покровител на овогодинешниот фестивал е АА, додека Државната телевизија на Република Турција (ТРТ) е корпоративен партнер на фестивалот.
Наградниот фонд на фестивалот изнесува 400.000 турски лири (60.000 евра), а за време на фестивалот ќе бидат прикажани 88 филмови од 41 земја.
Жирито на натпреварувачката програма го сочинуваат актерката Бегум Биргорен, режисерот Андач Хазнедароглу, сценаристот Ерџан Мехмет Ердем, директорот на фотографија Мехмет Аксин, а претседател на жирито е наградуваниот турски режисер Сердар Акар.
Најдобриот филм, според оценката на жирито, ќе ја добие Големата награда во износ од 100.000 лири (15.000 евра).
Директорот на фестивалот, Огун Шанлиер, за новинарот на АА изјави дека оваа година е подготвена многу богата фестивалска програма. Како што истакна, на фестивалот ќе присуствуваат гости од сите делови на светот, а во натпреварувачкиот дел ќе учествуваат многу значајни остварувања од светската кинематографија.
„Фестивалот ќе го отвори филмот „Старецот и пиштолот“ (The Old Man And The Gun) со Роберт Редфорд во главната улога“, рече Шанлиер, нагласувајќи дека и ова е еден од показателите за квалитетот на фестивалот.
Директорот за маркетинг и корпоративни комуникации на АА, Јилмаз Јаман, изјави дека АА емитува вести на 13 јазици, а како што рече, овој фестивал го собра целиот свет во Истанбул, а АА вестите од фестивалот ќе ги пренесе на светот.
„Ќе настојуваме да го претставиме фестивалот на странските јазици на кои ги емитуваме нашите вести. Оваа година по петти пат му пружаме поддршка на фестивалот. АА има свои канцеларии во 40 земји и вработени во над 100 земји. Во таа смисла, ќе ги пренесуваме вестите поврзани за фестивалот“, нагласи Јаман.
Шестиот Босфорски фестивал ќе заврши на 3 ноември со церемонијата на доделување на наградите.