Senada Ibraimova
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во галеријата Чифте амам во организација на Институтот Јунус Емре - Турски Културен Центар Скопје, се отвори изложбата „Турска современа фотографија: 10 автори – 10 мотиви“ чиј куратор е познатиот турски фотограф и археолог Туна Акчај, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа изложба во Скопје е промовирање на идентитетот на турската фотографија и преку 10 различни фотографи прикажани се 10 различни теми.
Кураторот на изложбата, Туна Акчај во својата изјава за АА рече дека, за овој настан се избрани најдобрите и најпознатите фотографи од Турција, кои преку своите композиции ја претставуваат Турција со сета нејзина култура, вредности и цивилизација.
Тој нагласи дека оваа изложба е одлично прифатена од македонските љубители на фотографија и додаде оти, во рамките на овој настан организираат средби за реализација на нивната голема цел, а тоа е основање на Унијата на европските фотографи.
Во врска со темата на изложбата Акчај изјави: „Темата на изложбата се вредностите и убавините на Турција, на пример, една од големите вредности на Турција се јуруците, потоа, археологијата, џамиите. Сите овие работи се многу ценети од страна на посетителите на Турција, и ние ги вклопивме во оваа изложба. Исто така, од технички аспект, се обидовме да ја направиме оваа изложба на високо ниво.“
Овој настан се одржува во соработка со Фото – Сојузот на Македонија, којшто веќе 56 години години по ред организира вакви настани. Досега вакви изложби имаат организирано со Србија, Бугарија и други држави.
Според претседателот на Фото – Сојузот на Македонија Боро Рудиќ, ова е одлична прилика да се направи една ваква изложба со така блиска држава како Турција.
Заменик директорот на Институтот Јунус Емре – Турски Културен центар Скопје, Фуат Коркмаз, изјави дека се радува за ваквиот настан што го организираат заедно со Фото – Сојузот и нагласи: „Крајно сме радосни и задоволни што ваквите изложби и активности ги прикажуваат мотивите и мозаиците на Анадолија овде, како и културните вредности на Турција.“
На оваа изложба можат да се видат по шест фотографии на десеттемина турски автори.
Изложбата за посетители ќе биде отворена до 8 декември.