Sebahatdin Zeyrek
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
ДЕНИЗЛИ
Остатоци од две куќи од хеленистичкиот период се откриени во текот на ископувањата оваа година во античкиот град Хиераполис-Памуккале, во турската провинција Денизли, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се верува дека остатоците потекнуваат од годините на основањето на античкиот град, кој се наоѓа на Листата на светски наследства на УНЕСКО“, рече Грациа Семераро, професорка по класична археологија на Универзитетот во Саленто, Италија, и раководителка на тимот за ископување.
Зборувајќи за АА, Семераро информираше дека откопале значајни откритија во областа на ископувањата во северниот дел на градот, близу агората (пазар, плоштад во Античка Грција) и вториот театар на Хиераполис.

„Откритијата му припаѓаат на хеленистичкиот период. Веруваме дека куќите припаѓаат на времето кога Хиераполис беше основан. Најдовме остатоци од две големи и многу значајни градби. Веруваме дека малите куќи биле наменети за четири до седум лица.“
„Тимот исто така најде многу мали предмети како што се керамика, монети и маслени светилки направени во Хиераполис“, додаде Семераро.
„Добивме многу интересни податоци од најстарите и помалку познатите фази на градот, за кои мислиме дека датираат од хеленистичкиот период.“

Истакнувајќи дека античките луѓе не се откажале од живеењето во Хиераполис и долината на Ликос и покрај земјотресите, Семераро рече дека тие продолжиле да градат нови споменици отпорни на земјотреси во регионот.
Таа рече дека се верува дека градот бил важна рурална населба бидејќи биле пронајдени траги од производство на маслиново масло и кружен воденички камен.
Ископувањата и реставрацијата продолжуваат на неколку места како што е Светилиштето на Аполон, Монументалната фонтана, куќите околу театарот и областа со масовна гробница.

Тим од 30 археолози, реставратори и архитекти од универзитетите во Саленто, Месина, Фиренца, Памуккале и Амасја се дел од теренската работа.
Наречен „Светиот град“ во археолошката литература поради бројните храмови и религиозни градби, античкиот град Хиераполис-Памуккале се верува дека е основан од Еумен II, еден од пергамонските кралеви на почетокот од 2 век пред нашата ера.
