Admir Fazlagic
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од 21 до 27 септември, сите љубители на театарската уметност ќе имаат можност да ја проследат програмата на 41. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ), во организација на Младински културен центар (МКЦ), а под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата што се одржа денеска во просториите на МКЦ беше претставена програмата на овој меѓународен фестивал, МОТ, и беше нагласено дека повторно во фокусот е тесна селекција на светски и регионални театарски продукции, која на исто место ќе ги обедини вљубениците во театарот, стои во соопштението од Град Скопје.
Во соопштението се наведува дека во изминативе 40 години, на МОТ биле презентирани театарски групи, самостојни театарски уметници од над 70 земји од Европа и од светот, со над 700 изведби. Фестивалот има големо значење за театарот и за севкупниот културен живот во Скопје.
„Во периодот од 21 септември, кога е официјалното отворање на фестивалот, па до 27 септември, на репертоарот на фестивалот имаме четиринаесет продукции од: Романија, Унгарија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, а ни гостува и еден од најреномираните европски театри, театарот „Види“ од Лозана, Швајцарија“, информираат од Град Скопје.
На прес-конференцијата присуствуваше и дел од екипата на претставата „Догвил“, на Миксер Хаус, Белград, којашто е театарска адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир, режисерот на претставата Кокан Младеновиќ, во која меѓу другите играат и Бранислав Трифуновиќ, Милица Мајсторовиќ и Милица Јаневски, а музиката за претставата во живо ја изведува „Врум“ (Vrooom).
МОТ оваа година учествува и на светската прослава на 100 години од смртта на Вилијам Шекспир, со ревијата на бесплатни играни филмови снимени според драми на Шекспир. Публиката на закажаните проекции во „Џебното кино“ во МКЦ ќе има можност да ги погледне легендарните наслови како „Хамлет“ на сер Лоренс Оливие, „Кралот Лир“ на Питер Брук и многу други.
Во рамките на фестивалот, како дополнителна програма ќе се одржи и промоција на книгата „Рапсодија на театарот“ во издание на МОТ и МКЦ, од францускиот филозоф, драматург и професор Алан Бадју.
Во предвечерјето на овој театарски фестивал, односно вечерва во 20 часот, во рамките МОТ+ програмата во МКЦ ќе биде изведена претставата „Догвил“.
Претходно, во 19 часот ќе има и изложба на фотографии со театарска тематика, на македонскиот фотограф Љупчо Илиевски, направени во периодот од 1984 до 1996, од изданијата и репертоарите на МОТ.