Ivana Ramadanova
07 Октомври 2016•Ажурирај: 09 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од 13 до 16 октомври, Скопје повторно ќе биде домаќин на еден од најреномираниот и традиционални музички фестивали чиј континуитет трае речиси три и пол децении, јавува Anadolu Agency (AA).
Според директорот на фестивалот, Оливер Белопета овогодинешното издание на „Скопскиот Џез фестивал 2016“ кој сите четири дена ќе се одржува во Македонскиот народен театар, ќе започне со настапот на пијанистот Бојан Зулфикарпашиќ, додавајќи дека фестивалот ќе има вечерна програма, а ќе има и два полноќни концерти.
„Според програмата, на 13 октомври концерт ќе има и триото на новата голема гитарска ѕвезда Џулијан Лаж, кој со ова трио премиерно доаѓа во Европа. Втората вечер ќе настапи Винисиус Кантуарија од Бразил со својот последен проект и ЦД каде го пее Антонио Карлос Џобим, како и триото на пијанистот Марцин Василевски од Полска со гостинот саксофонист Јоаким Милдер од Шведска. Третата вечер од САД доаѓа квартетот 'Madе to Break' , тоа е последениот проект на саксофонистот Кен Вандермарк и скандинавското трио 'The Thing'. На последната вечер ќе биде претставен новиот проект на музичарот Питер Еванс на труба, со триото наречено 'Pulverize the Sound'. За крај концерт ќе има групата на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери „Supersonic“, која последниве години се смета за најголемо откритие на европската џез сцена", истакна Белопета.
Една од главните ѕвезди на овогодинешниот „Скопски џез-фестивал ќе биде познатата британска соул-пејачка Џос Стоун чиј настап е закажан за 14 октомври во Дансинг салата на МКЦ.
На 15 октомври на полноќ во Сити хол центарот концерт ќе има Гоце Стевковски и неговиот септет со Џијан Емин.
Покровител на фестивалотот е Министерството за култура, а поддржувачи се Град Скопје, Амбасадата на САД во Македонија, Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Скопскиот џез фестивал е една од водечките културни манифестации во Македонија, со традиција од 35 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез фестивали во Европа.
Фестивалот започна во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латино-американската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари. Скопските џез фестивал е член на престижната асоцијација „Европска џез мрежа“ (Europe Jazz Network).