Stipe Mayiç
09 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Младата хрватска визажистка Марина Мамиќ, ја воодушеви публиката со својата уметност во шминкање и сенчање со што во повеќе наврати и самата себеси се преобразила во некои од славните личности. Џулија Робертс на својот профил на Инстаграм ја сподели трансформацијата на Марина, но истовремено ги воодушеви и фудбалерите Чорлука, Модриќ и Перишиќ, како и регионалните ѕвезди Жељко Јоксимовиќ и Јелена Kaрлеуша, јавува Anadolu Agency (AA).
Марина Мамиќ навидум е сосема обична девојка од Сесвете, населба во Загреб, но изгледот знае многу да излаже, особено кога станува збор за Марина.
Родена е во Дервента, каде што како тригодишно девојче поради војната со своите родители се преселила во Германија. Семејство Мамиќ потоа се населило во близина на Загреб. Марина има две постари сестри и помлад брат, има завршено средно трговско училиште, но раната склоност кон цртањето на портрети ја натерала по матурирањето да се заниава со шминкање и изработка на маски. Речиси целосно самоука, стекнувајќи се со знаење преку различни интернет содржини, стана една од главните визажистки во националното ТВ шоу "Твоето лице звучи познато."
Во таа емисија Марина и нејзините колеги користејќи шминка, импланти, перики и облека, хрватските ѕвезди ги трансформираа во сосема други личности, жени и мажи, млади и стари и обратно.
За време на Европското фудбалско првенство се трансформираше во хрватските репрезентативци: Ведран Чорлука, Лука Модриќ и Иван Перишиќ, се претвораше во некои домашни ѕвезди, но најбројни се нејзините трансформации во големите светски ѕвезди како Мајкл Џексон, Џони Деп, Бијонсе, Ријана и Џулија Робертс, која ја пренесе нејзината слика од трансформацијата на својот Инстаграм профил.
„Бев шокирана кога околу 4 часот наутро видов дека Џулија Робертс ја споделила мојата слика, бидејќи тогаш уште ја довршував трансформацијата”, рече Марина, која едвај дочека да им ја покаже на своите пријатели завршената работа.
За некои трансформации и се потребни и до 12 часа, а за некои само четири до пет часа. Во прво време ги објавуваше само фотографиите од својата работа, па луѓето почнаа да се сомневаат дека станува збор за фотошоп, а потоа започна да снима видеа со нејзината целосна работа и целиот процес на трансформација.
Марина Мамиќ во моментов е амбасадор во регионален проект кој ги собира младите и креативни луѓе од Балканот, а засега се вклучени само шестмина. Станува збор за Јутјуб каналот „Место на творци” на кој има отворена аудиција за млади креативци кои се занимаваат со шминка, мода, анимација, видео, вежби, блогови и други слични активности.