Bilgin S. Şaşmaz
08 Март 2016•Ажурирај: 10 Март 2016
ЊУЈОРК (АА) - Изложбата „Блиската и далечна исламска култура од Америка до Занзибар” во Детскиот музеј на Менхетен, стана популарна активност за њујорчаните, јавува Anadolu Agency (AA).
На изложбата која е долгорочен проект на Музејот, претставени се предмети, фотографии, уметнички дела и информации од над 50 земји во светот. Децата, кaко и возрасните може да учат за трговијата во тие земји, архитектурата, уметноста, обичаите, музичките инструменти, животните, садовите и облеката.
Изложбата е поделена во неколку оддели, така што децата можат да бидат „трговци” со зачини, овошје и зеленчук, риба, теписи и садови, а исто така може да „купуваат” и „разменуваат” стока. Децата, освен тоа, може да уживаат во „возењето” со брод или пак на камила. Изложбата дневно ја посетуваат и до две илијади лица.
Посебно внимание привлекуваат килимите од Мароко, кафето од Турција, чајот од Таџикистан, зачините од Египет, пазарот на риба во Занзибар како и многу други.
На изложбата претставен е и „Американски дом”, каде што децата може да се запознаат со говорот и писмото на 24 јазици.
Координаторката на изложбата Елен Бари рече дека оваа изложба ја започнале со намера децата во град како Њујорк, кој е најширока лепеза на различни култури од светот, да се запознаат со тие култури и на тој начин да станат толерантни поединци.
„Многу ни е мило што семејствата го посетуваат нашиот музеј и што овде си поминуваат убаво”, рече Бари.
Изложбата ја посети и Синтија Бек со својата ќерка Сади.
„Овде сме за првпат и се забавуваме. Можат да се видат и допрат различни нешта. Изложбата е многу живописна, интерактивна и многу забавна”, рече Бек.
Џенифер Колон со својот син Виктор го посети музејот и рече дека дошле да го искористат дождливиот ден и да се забавуваат, и дека нејзиниот син посебно ужива во правењето згради од коцки.
Изложбата ќе биде отворена до 31-ви јануари 2017 година.