Kemal Zorlak
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
САРАЕВО (АА) - Легендарниот американски филмски и телевизиски актер, писател и продуцент, Кирк Даглас, денес полни 100 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Даглас е роден на 9 декември 1916 година. Татко е на популарниот холивудски актер Мајкл Даглас. Во 1996 година тој доживеа мозочен удар, кој го опиша во својата книга „Удар на среќата“. Има напишано 10 книги со автобиографски записи. Мозочниот удар беше опишан како: „најлошиот пекол што човекот може да го доживее“.
Според податоците на Американскиот филмски институт, Кирк Даглас се наоѓа на 17. место на листата на најголеми машки филмски легенди во историјата на американскиот филм, а воедно е и највисоко рангиран жив актер на листата. Во 1996 година доби почесен Оскар за 50-годишен креативен и морален придонес во филмската заедница. Ја освои наградата „Сесил Б. Демил“ во 1968 година и низа други награди за својата работа на полето на филмот.
Даглас е роден како Исур Даниелович во градот Амстердам, во сојузната американска држава Њујорк, како син на Брин „Берта“ (родена Санглел) и Хершел „Хари“ Даниелович, бизнисмен.
Неговите родители биле еврејски имигранти од Чавуси, тогашна област во Руското Царство (сега Белорусија), а зборувале јидиш. Братот на татко му, кој претходно емигрирал, го користел презимето Демски, кое го прифатиле и родителите на Кирк. Даглас израснал како Изи Демски, но законски го променил своето име во Кирк Даглас пред да замине во морнарица за време на Втората светска војна.
Неговите најважни филмски остварувања се „20.000 милји под морето“ (1954), „Копнеж за животот“ (1956) „Патеки на славата“ (1957), „Престрелката кај O.K. Корал“(1957), „Викинзи“ (1958), „Спартак“ (1960), „Осамените се храбри“ (1962), „Седум дена во мај“ (1964), „Хероите на Телемарк“ (1965), „Сатурн 3“ (1980 година) и „Жестоки момци“ (1986).