Ekipa
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
РАМАЛА (АА) - Нихад Абу не може да ги заборави последните зборови што ѝ ги упатил синот Али, вечерта пред неговиот 15-ти роденден, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Мамо, погоди што е утре? Ќе бидам постар една година“, се присети низ солзи на зборовите на својот син.
Мајката рече дека нејзиниот син планирал да купи торта за својот роденден. „Планираше да купи торта, но го изгубивме“.
Палестинскиот тинејџер беше погоден и тешко ранет од страна на израелски војник за време на демонстрациите на 4 декември во селото Ал Мугаир, 27 километри североисточно од Рамала.
Тој е превезен во болница, но обидот да се спречи внатрешното крварење бил безуспешен.
„Секогаш ми помагаше, се шегуваше и ме бакнуваше. Сега замина засекогаш“, изјави неговата мајка за АА.
- Убиен на својот роденден -
Неговиот татко Ајман Абу Алиа се присетува дека вечерта пред настанот го разбудил син му за да му помогне на неговиот дедо околу испашата.
„Му реков дека го бара дедо му. Тој се помоли и замина да помогне. Се сеќавам и на неговите молитви“, изјави тој.
„Тој инаку одеше кај неговиот дедо во источниот дел на селото, каде што се наоѓаат бунарите за напојување на животните.“
„Израелските доселеници ја контролираат нашата вода и земја таму со помош на војската. Тие и претходно кршеа цевки за вода и му се закануваа на Али и на неговиот дедо повеќе пати“, изјави Абу Алиа.
Додека стоел пред куќата на дедо му, Али слушнал пукотници. Истрчал на источниот дел на селото за да им се придружи на браќата и пријателите.
„Видов дека ги набљудува демонстрациите со пријателите. Стоеше со рацете во џебовите и зборуваше за плановите за роденденот, кога израелскиот војник го застрела“, изјави неговиот брат Басам за АА.
Басам, исто така, е рануван претходно, а последен пат една недела пред смртта на брат му.
- Нов живот -
Седејќи во собата во која секаде се наоѓаат фотографиите на Али, неговиот татко се присети на тоа колку Али бил среќен кога слушнал дека неговата сестра добила син.
„Беше пресреќен што сестра му доби син кој личеше на него“, изјави Абу Алиа.
Сестра му на Али, Асел, од тага не можеше да зборува, само рече дека на нејзиното бебе ќе му го даде името на брат ѝ.
Бабата Кајриат Абу Алиа сè уште не верува дека го изгубила својот внук на неговиот роденден.
„Секогаш беше тука, кога и да ни затребаше. И понатаму го довикувам секоја вечер, но сега нема одговор. Никогаш нема да можам да ја заборавам загубата на мојот сакан внук“, додаде таа.