Турција, култура и уметност

Ердоган се сретна со ко-режисерот на добитникот на Оскар „Нема друга земја“

- „Факт е дека палестинската трагедија не е адекватно обработена во филмската индустрија. Индустриската структурна поврзаност со Израел има големо влијание врз ова. И вие го почувствувавте тоа цензурно опкружување во најсурова форма,“ изјави Ердоган.

Mikail Bıyıklı, İrem Demir  | 08.12.2025 - Обновена : 08.12.2025
Ердоган се сретна со ко-режисерот на добитникот на Оскар „Нема друга земја“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го пречека Базел Адра, ко-режисер на оскаровскиот документарец „Нема друга земја“, кој ја прикажува борбата на Палестинците што живеат под израелска окупација, јавува Анадолу.

Средбата се одржа зад затворени врати во претседателскиот кабинет во Долмабахче, Истанбул.

Ердоган му честиташе на Адра за меѓународните признанија што ги доби документарецот и нагласи дека најбруталното лице на израелската окупација се гледа на јужните ридови на Хеброн, каде, како што истакна, „секој што ги документира злосторствата станува директна цел“.

Тој му изрази сочувство за загубата на блискиот пријател на Адра, Авда Хаталин – убиен од страна на израелски доселеници – како и за сите други жртви, додавајќи дека високо ја цени храброста покажана при создавањето на документарецот.


- „Палестинската трагедија не е адекватно обработена во филмската индустрија“

„Лично, во моите обраќања до меѓународната заедница, му придавам големо значење на објаснувањето, преку фотографии и мапи, како палестинската кауза еволуирала низ годините, врз основа на идејата дека „една слика вреди илјада зборови“, изјави Ердоган.

Турскиот претседател рече дека го смета за многу вредно тоа што уметноста на режисерот го свртела вниманието кон израелскиот експанзионизам што продолжува уште од Накба.

„Факт е дека палестинската трагедија не е адекватно обработена во филмската индустрија. Индустриската структурна поврзаност со Израел има големо влијание врз ова. И вие го почувствувавте тоа цензурно опкружување во најсурова форма,“ додаде Ердоган.

Потсетувајќи на минатогодишното силно покажување солидарност со Палестина на доделувањето на Оскарите и во Кан, турскиот претседател рече дека демонстрантите надвор, наградите, пораките на актерите, симболите и облеката, сето тоа ја одразува поддршката за Газа.

Тој истакна дека овогодинешните доделувања на наградите „Оскар“ покажале уште посилен став, изразувајќи надеж дека таквата поддршка ќе продолжи да расте преку напорите на сите луѓе со совест.

Нагласувајќи дека основната мисија на уметноста е да ја бара вистината, Ердоган додаде:

„Го сметам вашиот документарец 'Нема друга земја', кој освои награди на многу меѓународни настани, за исклучително важен за будењето на глобалната свест. Ви препорачувам да продолжите со вашата работа за да се одржи оваа јавна поддршка и вниманието да не се оддалечи од Палестина.“

Тој упати искрени честитки до целата екипа на филмот и повтори дека Турција ќе продолжи цврсто да го поддржува палестинскиот народ.


- Добитник на Оскар за најдобар документарец

„Нема друга земја“ — во режија на Базел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам и Рејчел Сор — ја прикажува борбата на Палестинците кои се спротивставуваат на израелската политика на рушење и присилно раселување.

Документарецот, кој е заедничка продукција на израелски и палестински филмски режисери, се одвива во Масафер Јата, на јужниот врв на Западниот Брег. Ги следи напорите на Адра да го документира, честопати со голем личен ризик, уништувањето извршено од израелската армија која се обидува да го претвори подрачјето во воена зона за обука.

Заснован на настани од 2019 до 2023 година, документарецот ја открива насилната реалност на израелските војници и доселеници врз локалното население. Користени се снимки од палестински домови, лични архиви, новинарски видеа и разговори меѓу Израелци и Палестинци.

Документарецот ја освои наградата Оскар за најдобар документарец на церемонијата во Лос Анџелес, а претходно победи и на Берлинале, добитник е на наградата на публиката Панорама и признание од германската телевизија РББ.

Палестинскиот активист Авда Хаталин – кој придонел во создавањето на документарецот – беше убиен на 28 јули во Масафир Јата, кога израелски доселеник пукал кон него без предупредување.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.