Admir Fazlagikj
18 Јуни 2023•Ажурирај: 20 Јуни 2023
СКОПЈЕ (АА) - Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје се одржува првото издание на Стрип трип фестивалот Скопје, јавува Анадолу (АА).
Првото издание на Стрип трип фестивалот во Скопје започна вчера во Младинскиот културен центар (МКЦ), а ќе заврши вечерва.
На програмата, како што информира МКЦ, има дискусии и презентации на најнови домашни и регионални стрип-изданија, гости автори и издавачи, изложба на реномирани стрип-цртачи, музичка програма, работилница за цртање стрип за деца, филмска програма и берза на стрипови.

„Ги повикуваме сите издавачи, колекционери, стрипомани и стрип-љубители, и самите и нивните најмили да дојдат и заземат активно учество на првото премиерно издание на Стрип трип, кое искрено се надеваме ќе прерасне во богата и долгогодишна традиција, како што личи на еден сериозен, возобновен и етаблиран град“, соопшти МКЦ.
Иницијатор и организатор на овој фестивал е книжарницата „Бункер“ од Скопје. Тие сметаат дека организацијата на фестивал како „Скопје стрип трип фестивал“ е од огромно значење за промовирањето на стрип-културата во земјата.
Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.