Furkan Abdula
09 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на 26. Меѓународен фестивал на пролетни веселби вечерва во Домот на АРМ во Скопје се одржа концертот „Виорот на балканската музика“ со поддршка на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На концертот, кој беше завршна програма на Меѓународниот фестивал на пролетни веселби, учествуваа претставници на различни институции и здруженија, љубители на музиката, како и голем број жители на Скопје.
Шенол Тахир, од Здружението на Фестивалот на пролетни веселби, истакна дека програмата ќе започне со фолклорен настан на Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“, како и со мини-концерт на членовите на ова друштво.
Тој нагласи дека по оваа програма на „Јени Јол“ ќе настапи солистката на ТРТ, Ѓулџан Каја Арал, со нејзиниот оркестар. „Овој концерт организиран во соработка со Институтот 'Јунус Емре' ќе биде завршната програма на 26. Меѓународен фестивал на пролетни веселби“, истакна Тахир.
Од друга страна, заменикот-директор на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Фуат Коркмаз укажа на важноста на активностите организирани од страна на Турците во Македонија, и рече: „Многу сме среќни и горди поради тоа што сме дел од Меѓународниот фестивал на пролетни веселби, како и поради тоа што дадовме поддршка за организирање на овој настан“.
Солистката од ТРТ, Ѓулџан Каја Арал истакна дека е многу среќна поради тоа што ќе одржи концерт во оваа земја, и им се заблагодари на тие кои го овозможија организирањето на овој концерт.
22. Меѓународен симпозиум на турската култура
Во рамките на 26. Меѓународен фестивал на пролетни веселби, денес во Скопје се одржа и 22. Меѓународен симпозиум на турската култура во заедничка организација на Меѓународниот универзитет „Визион“, Институтот за истражување на народната култура (ХКАК) и на Здружението на „Хид Бах Шен Фест“.
Покрај универзитетски професори и претставници на невладини организации, на овој симпозиум учествуваа и научници, како и експерти од Турција, Македонија, Полска, Татарстан и од Турската Република Северен Кипар.
На почетокот од симпозиумот беше отворена изложба на којашто беа изложени различни дела донесени од повеќе региони во Турција. Се дискутираше на теми околу народната турска култура.