Besar Ademi
16 Септември 2016•Ажурирај: 17 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Почнувајќи од вечерва до 5-ти октомври оваа година во Национлната галерија на Македонија ќе биде отворена изложбата „Епизоди на модернизмот – избор од колекцијата на Вукмановиќ“, дела од колекцијата на Народниот музеј на Црна Гора од Цетиње, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на изложбата е да се потсети на благородниот чин на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, кои со својот личен пример ги отелотворија верата во идеалот за напредок, историската мисија на модернитетот и неговите позитивни ефекти за човештвото.
Кустосот на изложбата од Црна Гора, Љиљана Караџиќ, рече дека колекцијата нуди увид во идеите и тековите на југословенската уметност во петтата и во шестата деценија на 20 век, а може да се набљудуваат како многу прегледна историја на важните етапи на југословенскиот модернизам.
„Различитоста, диверзитетот, различни поетики на уметникот, неко е експресивен, некој се бави со пејсаж, некои од уметници сакаат фигурации, прикажуваат мртва природа или портрети, некој се бави со радикална апстракција или со енформела како што е Фил Филиповиќ, некој има верба во модернизмот и во тоа дека социјалистичката револуција ќе му помогне на општеството да напредува како што е Петар Лубарда чиј труд се вика Индустрализација, значи сите они веруваат дека нешто ќе тргне кон подобро", рече Караџиќ опишувајќи ги делата на авторите чии дела се претставени во изложбата.
Постановката на оваа изложба ја сочинуваат дела од 27 автори од кои повеќето се клучни имиња за историјата на југословенската модерна уметност, како што е Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, Стојан Аралица, Јанез Берник, Миодраг Дадо Ѓуриќ, Бранко Филиповиќ Фило, Лазар Личеноски, Петар Лубарда, како и светски познатите Марк Шагал, Ренато Гутусо и други.
Збирката на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, која содржи 224 дела (слики, скулптури, цртежи, графики, таписерии) од најважните југословенски уметници од првата половина на XX век, како и неколкумина странски автори, се создаваше во годините по Втората светска војна. Во 1965 година, тие ја подарија збирката на Цетиње, а градот потоа ја предаде на чување на Народниот музеј на Црна Гора, каде што се наоѓа и денес.