Admir Fazlagic
25 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Во Галеријата „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје отворена е изложба на ромски носии од Скопје и мултимедијална изложба за ромските занаети од антропологот Даниел Петровски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се работи за проект на Здружението „Романо Ило“- Здружение на љубители на ромската фолклорна уметност, во соработка со Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје и Музејот на Македонија, со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Даниел Петровски, авторот на изложбите, во своето обраќање пред присутните рече дека станува збор за отворање на две изложби, првата „Ромски носии од Скопје“, а втората „Ковачот и чеканот“, изложба посветена на ромските занаети во земјава.

„Во изложбата „Ромски носии од Скопје“ претставени се 15 женски ромски носии поделени во три дела: носии од секојдневна употреба, празнична носија и свадбена носија. Ромските носии се важен сегмент од материјалната култура на Ромите и претставуваат значајно културно наследство“, рече Петровски, додавајќи дека е познато дека „потеклото на Ромите е од нивната прататковина Индија“, како и дека и по напуштањето на нивните огништа, Ромите и понатаму ги задржале тие носии.
Тој истакна дека поради „вековното талкање“ на Ромите низ светот, Ромите се делат на оние со постојано живеалиште и Роми кои сè уште се преселуваат од едно на друго место.

„Таквиот начин на живеење доведе до промена на нивната носија, најмногу поради временските услови каде се наоѓаат. Како важен аспект при проучување на ромските носии треба да се земе и миграцискиот контекст, кој придонесе за немање унифицирана ромска носија во светот“, потенцираше Петровски.
Меѓу другото, тој објасни дека во земјава женската ромска носија наликува на турската носија или на носија од ориентот, но дека сепак е специфична по многу елементи.
Говорејќи за изложбата „Ковачот и чеканот“, Петровски рече дека тоа е изложба која ги презентира ромските занаети и занимања во земјава.
Занаетите како ковачкиот, кројачкиот, калајџискиот и Ромите како музичари, се дел од занаетите кои се претставуваат на изложбата. За овие занаети, авторот на изложбата, Петровски, посочи дека „не постојат научни докази дека тие се ромски, но сепак многу автори укажуваат на вештините, спецификите кои ги имаат Ромите правејќи ги овие занаети.“