Yasemin Kalyoncuoğlu
23 Октомври 2020•Ажурирај: 24 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - На главната железничка станица во Анкара отворена е изложбата на Агенција Анадолија (АА), на која се претставени победничките фотографии од меѓународниот натпревар „Istanbul Photo Awards 2020“, што оваа година се одржа по шести пат.
Изложбата, чиј спонзор е турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) им нуди можност на минувачите да ги погледнат најуспешните фотографии од меѓународниот натпревар, што се одржува од 2015 година.
Фотографиите изложени во Анкара претставуваат и краток пресек на случувањата во 2019 година, од Хонгконг до Газа.
Фоторепортерот Јик Феи Лам ја доби првата награда во категоријата „поединечна вест“ за фотографијата „Протести во Хонгконг“. Второто место во истата категорија му припадна на фоторепортерот Махмуд ел Хамс за фотографијата „Погребот во Газа“ што ја направи за „Франс прес“ (AFP). Третото место го освои репортерот Ибрахим Абу Мустафа за фотографијата на ифтарот меѓу урнатините во Палестина, што ја направи за „Ројтерс“ (Reuters).
На натпреварувањето оваа година пријавени беа над 10.000 фотографии од речиси 100 земји. Доделени се 12 награди за фотографии кои говорат за протести, судири, еколошки катастрофи, спортски активности и човечки приказни во различни земји, од Палестина до Индонезија.
Во наредните денови ќе бидат познати деталите за почетокот на пријавувањето фотографии за следната година, а изложбата во Анкара ќе биде поставена до 22 ноември.