Nazlı Yüzbaşıoğlu
12 Март 2017•Ажурирај: 12 Март 2017
АНКАРА (АА) - Заменик-генералниот секретар и портпарол на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, изјави дека вчерашната забрана на холандската влада кон турските министри и употребата на сила против мирно насобраните цивили претставува црн ден за демократијата во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Претставува срам тоа што холандската влада се предала на радикали и антиисламски расисти, и ги наруши долготрајните односи помеѓу Холандија и Турција“, порача Калин преку социјалната мрежа Твитер.
Портпаролот Калин исто така рече дека парламентарните избори во Холандија ќе се одржат за неколку дена, но дека синоќа се видело оти радикалната десница на чело со Герт Вилдерс е веќе на власт во таа земја.
Холандските власти ги спречија вчера министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Каја во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во земјата, како и средбите со турската заедница во Холандија. Во придружба на полиција министерката Каја е вратена во Германија, од каде што утрово се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди спречувањето на посетите и побара од холандскиот амбасадор во таа земја, кој во моментов е на одмор, одредено време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Кралството Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во меѓувреме со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата на министерката Каја, но протестите на улиците низ Ротердам продолжија. Голем број граѓани се собраа и пред дипломатските претставништва на Кралството Холандија во Анкара и во Истанбул во знак на протест поради спречувањето на посетата на турските официјални лица во таа земја.