Објавени победниците на „Istanbul Photo Awards 2026“
На натпреварот беа пријавени речиси 19.000 фотографии, а награди освоија 26 фотографи во вкупно 10 категории
ИСТАНБУЛ (АА) – Објавени се победниците на меѓународниот натпревар за новинска фотографија „Istanbul Photo Awards 2026“, во организација на Анадолу.
На натпреварот беа пријавени речиси 19.000 фотографии, а награди освоија 26 фотографи во вкупно 10 категории.
Најпрестижното признание, „Фотографија на годината“, му припадна на палестинскиот фотограф Хаитам Имад за делото „Газа, без надеж“, реализирано за ЕПА.
Фотографијата прикажува потресен момент, двегодишното девојче Шам исцрпено лежи во прегратките на својата мајка додека е на лекување во болницата „Насер“ во јужниот дел на Појасот Газа, регион што со години е изложен на израелски напади.
Од основањето „Istanbul Photo Awards“ прерасна во глобална платформа, со повеќе од 21.000 регистрирани фотографи низ светот.
Годинашните победници беа избрани на онлајн сесија од меѓународно жири составено од истакнати имиња во фотографијата, меѓу кои фотографката на „Нешнл џиографик“, Ами Витале; фоторепортерката Керол Гузи; Јури Козирев од агенцијата „Нур“; фоторепортерот на „Глоуб енд мејл“, Горан Томашевиќ; главниот спортски фоторепортер на „Гети имиџис“, Камерон Спенсер; турските фоторепортери Ахмет Сел и Фират Јурдакул, како и Никол Тунг и Мухамед Мухејсен, двајца меѓународно признати автори познати по моќното визуелно раскажување.
Во категоријата „Вест-приказна“ прва награда освои фотографот на „Асошиејтед прес“, Џехад Алшарфи, за серија фотографии што на впечатлив начин го обработуваат прашањето за гладот во Појасот Газа.
Во категоријата „Единечни спортови“ прво место освои Алекс Вајтхед од „СВпикс“, со фотографија што документира момент на судир за време на Светското првенство во велосипедизам во 2025 година одржано во Чиле.
Тарик Заиди освои прво место во категоријата „Спорт-приказна“ со фотографијата за вековната традиција на борењето „Нуба“ во Судан.
Во категоријата „Единечна фотографија за природата и животната средина“ прво место освои Олесија Курпјаева со фотографијата направена за „Агенција Франс-прес“ (AFP), која го истражува фосилот на бебе мамут.
Во категоријата „Приказна-природа и животна средина“ жирито ја избра фотографијата на Џош Еделсон, која ги документира разорните моменти од шумските пожари во Калифорнија.
Во категоријата „Единечен портрет“ прво место освои фотографот на „Њујорк тајмс“, Сахер Алгора, со портрет што ја документира смртоносната криза со глад во Палестина.
Во категоријата „Портрет-приказна“ прво место освои Арез Гадери со серијата фотографии „Изгубено детство“, која се состои од портрети на деца што работат во цигларници во Авганистан.
Во категоријата „Единечна фотографија за секојдневниот живот“ прво место освои шпанскиот фотограф Диего Ибара со фотографија на неформално училиште на отворено за авганистански девојчиња.
Тој, исто така, освои прво место и во категоријата „Фотографија-приказна за секојдневниот живот“ со серија фотографии направени за „Њујорк тајмс“ под наслов „Сирија низ нова визија“.
Доделени беа вкупно 58.000 долари за повеќе од 30 награди, а победничките фотографии ќе бидат претставени на меѓународни изложби и во годишниот албум на „İstanbul Photo Awards“.
Повеќе информации за наградените фотографии и членовите на жирито на годинашниот натпревар, организиран со комуникациска поддршка од „Турксел“, може да се најдат на официјалната страница istanbulphotoawards.com.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
