Mücahit Oktay
11 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
ЊУЈОРК (АА) - Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, соопшти дека ќе испрати воени единици на подрачјето на Њу Рошел, каде што новиот тип коронавирус за првпат е забележан во државата Њујорк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гувернерот Куомо, осврнувајќи се на сериозноста од појавата на епидемијата на вирусот Ковид-19 во подрачјето на Њу Рошел, изјави: „Ова е драматична ситуација, но во земјата најголем број детектирани случаи има во ова подрачје, а тоа буквално значи дека ова е прашање на живот или смрт.“
Гувернерот истакна дека претставува посебен проблем да не се дозволи епидемијата од Њу Рошел да се прошири на Њујорк, потенцирајќи: „Бројките забрзано растат, имаме потреба од специјална стратегија за националното здравје на луѓето во Њу Рошел.“
Куомо соопшти дека една синагога ќе се користи како центар за борбата против епидемијата, информирајќи дека ќе бидат распоредени воени единици со цел да им разнесуваат храна на луѓето и да ги чистат местата, како што се училиштата и објектите за молитва, од аспект на спречување на проширување на вирусот.
- Прославата по повод еврејскиот празник е откажана -
Од 173 случаи на коронавирусот во американската сојузна држава Њујорк, 108 случаи се детектирани во Њу Рошел, поради што е објавено соопштение дека во потполност е забранет влезот и излезот од овој град, а на 2 недели е прекината наставата во образованието и во истиот период се откажани сите активности кои подразбираат собирање на поголема популација на едно место, како што се верските обреди.
Ортодоксната еврејска заедница поради епидемијата на новиот тип коронавирус ја откажа прославата на верскиот празник Пурим, која трае два дена.
- Прв смртен случај од Ковид-19 и во Њу Џерси -
Од друга страна, по Њујорк, вонредна состојба воведе и Њу Џерси, каде што е забележан првиот смртен случај предизвикан од вирусот Ковид-19.
Според последните податоци поврзани со епидемијата на вирусот Ковид-19, во САД од овој вирус се заразени над 700 лица, а најмалку 27 починаа.
На светско ниво досега се регистрирани речиси 120.000 лица заразени од Ковид-19, додека бројката на починати надмина 4.200 лица.