Firdevs Bulut,Burak Bir
26 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
АНКАРА (АА) - Турција денеска испрати авион во шведскиот град Малме и презеде турски државјанин кај кого е потврден коронавирусот, а кого во Шведска одбиле да го примат во болница, јавува Агенција Анадолија (AA).
Со авионот од аеродромот во Малме кон Турција полета 47-годишниот Емрула Ѓулушкен со неговите три деца.
Ќерките на турскиот иселеник се заблагодарија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на министерот за здравство, Фахретин Коџа, за иницијативата што ја започнаа за на нивниот татко му биде пружен соодветен медицински третман.
„Го слушнавме вашиот глас. Нашиот авион е на пат. Доаѓаме во Шведска“, напиша министерот Коџа на Твитер, кој издаде наредба авион за медицинска евакуација да полета за Малме.
„Знаев дека нашата земја ќе нè поддржи, без оглед на сè. Застана покрај нас во овој тежок миг и направи сè што можеше. Му благодарам на министерот Коџа, Аллах да ја заштити нашата земја“, возврати на пораката на министерот, ќерката на Емрула, Лејла.
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, исто така, сподели порака преку Твитер.
„Турскиот државјанин Емрула Ѓулушкен не е лекуван во Шведска, иако е позитивен на коронавирусот. Од Турција испративме авион по него“, напиша Алтун.
На неговито твит одговори другата ќерка на Емрула, Самира.
„Горди сме што сме Турци. Турските власти цело ова време беа во контакт со нас. Авионот е испратен во Малме, а на аеродомот ќе дојде амбулантно возило. Нека Аллах ја заштити нашата земја“, напиша Самира.
Целата оваа приказна започна откако една од ќерките на турскиот иселеник на социјалните мрежи објави видео и го раскажа случајот на нејзиниот татко.
„Живеам со семејството во Шведска. Татко ми пред 11 дена доби температура и почна да чувствува потешкотии во дишењето. Се јавивме на лекар, но за жал, никој не дојде. Со денови се јавувавме повеќепати, но никој не одговараше на нашите повици“, вели во видеоснимката Самира Ѓулушкен.
Во меѓувреме, турската Амбасада во Стокхолм и Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници (YTB) стапиле во контакт со семејството Ѓулушкен. Министерот за здравство, Фахретин Коџа, разговараше со Самира и доби информации за здравствената состојба на нејзиниот татко.