Dilan Pamuk
23 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Истражувачите од Универзитетот „Гази“ во турскиот главен град Анкара соопштија дека развиле нов метод за проценка на ризикот од зараза со новиот коронавирус, како и бројот на потенцијални нови случаи.
Истражувачите за Агенција Анадолија (АА) изјавија дека новиот метод го пресметува ризикот од зараза во затворени простории врз основа на условите за вентилација, вкупниот број на луѓе и на заразени лица, и времето поминато во просторијата.
Според овој метод, кога 30 лица, од кои едно е заразено, минат еден час во затворен простор од 35 квадратни метри без вентилација, ризикот за заразување е 47 отсто, а бројот на нови случаи се зголемува на 14.
Кога има природна вентилација со отворени прозорци во просторијата, ризикот од зараза опаѓа на 30 отсто, а новиот број на случаи на девет. Во услови на механичка вентилација под истите услови, се проценува дека ризикот ќе падне на 2 отсто, а бројот на заразени на 0,6.
Зеки Јилмазоглу, од Факултетот за инженерство при Универзитетот „Гази“ рече дека овој метод не може да даде прецизни резултати за ризикот од инфекција, туку дава предвидување во зависност од варијаблите во средината.
„Во алатката за пресметка, дозата на инфекцијата во воздухот за еден час се одредува на 48 кванти/час во пресметките на примерокот“, рече тој. „Оваа вредност може да се искачи на 300 кванти/час во зависност од активностите како гласното зборување или пеењето“, објасни тој.
Ризикот на зараза се пресметува за три различни услови на вентилација: без вентилација, природна вентилација и механичка вентилација, рече Јилмазоглу.
„Стапката на ризик и бројот на нови случаи може да се пресмета врз основа на овие вентилациски услови и времетраењето на изложеноста“, додаде тој.
„Пресметките се извршени врз основа на респираторните особини на возрасните. Во случај на супер-заразувач во околината, резултатите ќе се променат во зависност од емитираната доза во околината во единица време“, објасни Јилмазоглу.
Тој рече дека пресметката може да се примени за да се добие проекција за ризикот од инфекција и бројот на нови случаи во дадена средина.
Истакна дека при вршењето на пресметките мора да се земат предвид многу фактори, како што се супер-заразувачите и поподложните луѓе.
„Студијата уште еднаш ја истакнува важноста на вентилацијата во затворени простории во спречувањето на заразата“, забележа Јилмазоглу.
Алатката за пресметка е достапна на веб-страниците на Универзитетот „Гази“ и на Турската асоцијација на инженери.