Dildar Baykan
25 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, истакна дека стапката на позитивни тестови за новиот вид коронавирус, Ковид-19, се намалила од 38 на 28 проценти во последната недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа се осврна на последната ситуација со Ковид-19 во земјата.
Посочувајќи дека половина од државите во Соединетите Американски Држави (САД) се подготвуваат да ги отворат своите економии во рамките на акциониот план објавен од Белата куќа, Трамп истакна дека напредокот на епидемијата е забавен во некои држави во земјата.
„Нашата земја во моментов е во многу добра состојба. Стапката на позитивни тестови низ целата земја се намали од 38 на 28 отсто во изминатата недела. Бројот на случаи во Њујорк се намали за 50 отсто, а смртните случаи паднаа за 40 отсто. Во Луизијана бројот на позитивни случаи падна од 25 проценти на 15. Во 18 држави бројот на позитивните случаи се намалува“, нагласи претседателот Трамп.
- „Во моментот целиот свет нè следи нас“ -
Трамп, истакнувајќи дека американската економија ќе закрепне бргу од епидемијата и ќе биде подобра од порано, рече: „Во моментот целиот свет нè следи нас, ни се јавуваат, го почитуваат тоа што го правиме.“
Наведувајќи дека ќе испратат респираторни вентилатори во многу земји како што се Италија, Франција и Шпанија, Трамп подвлече дека може да испратат и во Германија, доколку има потреба.
Од друга страна, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, нагласи: „Досега тестиравме 5,1 милион луѓе. Како што се зголемува бројот на тестови, така се зголемуваат и случаите. Но, луѓето не треба да се обесхрабруваат од овие бројки. Има намалување во бројките на лица кои итно се хоспитализираат во болниците.“