Dildar Baykan
06 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
ВАШИНГТОН
Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека во периодот на олабавување на мерките преземени против новиот тип коронавирус би можело да има човечки жртви, но додаде дека е потребно на некој начин да се отвори економијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп, кој во периодот на Ковид-19 го направи своето прво патување, за време на посетата на сојузната држава Аризона даде специјална репортажа за телевизискиот канал „Еј-би-си њуз“.
Посочувајќи дека некои сојузни држави започнале со олабавување на превентивните мерки преземени поради пандемијата на Ковид-19, Трамп рече: „Можно е при повторното рестартирање на економијата во земјата да има смртни случаи бидејќи луѓето повеќе нема да ги затворите во нивните домови. Но во исто време ќе го одржуваме социјалното растојание и ќе ги миеме рацете.“
Трамп, зборувајќи дека луѓето кои поради Ковид-19 ја загубиле работата започнале да се соочуваат со психички проблеми, истакна: „Погледнете ги. Луѓето почнуваат да умираат од преголема доза или да се самоубиваат. Потребно е луѓето да ги вратиме на нивните работни места, а ние тоа го правиме олабавувајќи ги превентивните мерки.“
Трамп, потенцирајќи дека преземените превентивни мерки против вирусот нема да траат долго, го даде следниот коментар: „Не можеме да седиме во своите домови наредните 3 години. Потребно е повторно да ја рестартираме економијата во земјата.“
- „И да има и да нема вакцина, вирусот ќе си замине и ние ќе се вратиме во нормала“
Трамп, отфрлајќи ги изјавите на американските експерти дека „сè додека не се изнајде ефикасно лекување или вакцина, новиот тип коронавирус ќе продолжи да биде голема закана“, даде свое гледиште на ситуацијата, велејќи: „Додека вирусот не помине, во земјата ќе умрат уште многу луѓе. Имаме добар напредок околу вакцината, но и да има и да нема вакцина, вирусот ќе си замине и ние ќе се вратиме во нормала. Но никој не се сомнева дека ова е тежок процес.“
Од друга страна, Трамп беше запрашан и за претпоставките што ги постави Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во врска со Ковид-19, според кој „во случај на намалување на превентивните мерки во земјата, бројот на починати на дневно ниво би бил околу 3.000“, и на Универзитетот „Вашингтон“, според кој „до август бројот на смртни случаи во САД би достигнал 135.000“.
Трамп истакна дека овие претпоставки се дадени во случај доколку не се преземат какви било превентивни мерки, и додаде: „Овие модели се погрешни уште од самиот почеток. До денес сите претпоставки на овие универзитети се неуспешни, но тие продолжуваат да прават нови.“