Associated Press
23 Октомври 2021•Ажурирај: 25 Октомври 2021
МОСКВА
Русија забележа нов дневен рекорд на бројот на заразени и смртни случаи од последиците на заразеност со Ковид-19, бидејќи се соочува со нагло ширење на коронавирусот поради ниската стапка на вакцинација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националната работна група за коронавирусот соопшти дека во последните 24 часа починале 1.075 лица од последиците на заразеност со Ковид-19 и дека се регистрирани 37.678 новозаразени, што претставува најголема бројка на дневна основа од почетокот на пандемијата.
Дневната бројка на смртни случаи е за 33% поголема од бројката регистрирана во септември, а бројот на случаите на зараза е зголемен за 70% во последниот месец.
Само околу една третина од 146 милиони жители на Русија се вакцинирани, што претставува притисок врз здравствениот систем на земјата.
Соочувајќи се со широко распространетиот отпор кон вакцинација, претседателот Владимир Путин им нареди на Русите да избегнуваат одење на работа во периодот од 30 октомври до 7 ноември.
Голем број региони воведуваат дополнителни ограничувања, вклучувајќи и затворање на фитнес салите, театрите и рестораните.
Според податоците на работната група, досега во Русија се регистрирани 8.205.983 случаи на зараза со коронавирус, од кои животот го загубија 229.528 лица.
Меѓутоа, Националната служба за статистика Ростат пријави десетици илјади смртни случаи за кои се смета дека се поврзани со заразата на коронавирус.
Русија беше првата држава во светот што ја одобри вакцината против коронавирусот, лансирајќи ја вакцината „Спутник V“ во август 2020 година.