Mehmet Nuri Uçar
09 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
РИЈАД (АА) - Во Саудиска Арабија запрена е наставата во сите образовни институции, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Претходно во текот на денот, Саудиска Арабија под карантин го стави подрачјето на источен Катиф во обид да ја спречи епидемијата на коронавирусот, јавија локалните медиуми.
Сите случаи на новиот коронавирус откриени во земјата потекнуваат од Катиф, објави државната Саудиска новинска агенција (СПА), повикувајќи се на службеник од Министерството за здравство.
Додека мерките на претпазливост се зголемени во градот под карантин, работните обврски во јавните и приватните установи се запрени, освен во здравствените центри, аптеките, бензинските пумпи и безбедносните агенции.
Влезот и излезот од подрачјето на Катиф се привремено запрени, иако трговскиот и превозот на храна ќе продолжи, јави СПА.
Министерството за здравство на Саудиска Арабија соопшти дека бројот на случаи со коронавирус во земјата е зголемен на 11.
Коронавирусот се појави и брзо се рашири во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година, а случаи на вирусот се потврдени во над 90 земји. Бројот на смртни случаи од коронавирусот во светот надмина 3.700, додека над 105.000 лица се заразени.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи многу висок степен на глобална опасност. Болеста официјално е наречена Ковид-19.