Ekip
21 Декември 2020•Ажурирај: 22 Декември 2020
РИЈАД
Саудиска Арабија ги запре сите меѓународни летови на една недела поради избивањето на новата варијанта на коронавирусот, објави службената новинска агенција СПА, јавува Агенција Анадолија (АА).
СПА, повикувајќи се на извор од Министерството за внатрешни работи, наведува дека суспензијата би можела да биде продолжена за уште една недела.
Минатата недела Велика Британија објави дека е забележано брзо ширење на новата варијанта на коронавирусот, поради што повеќе земји ги забранија патувањата во и од оваа земја.
Светската здравствена организација побара од земјите да ги удвојат своите здравствени мерки по ширењето на новата варијанта.
Новите мерки за Саудиска Арабија, според извор од оваа земја, се дел од мерките за претпазливост додека не станат појасни информациите за природата на новата варијанта на вирусот.
Саудиските власти исто така им наложија на сите што се вратија или поминале низ таа европска земја во изминатите три месеци веднаш да се тестираат на Ковид-19.
Според изворот, прекинот на патувањето нема да влијае на товарните летови и синџирите на снабдување од земјите кои не регистрирале ниту еден случај на новата варијанта на коронавирусот.