Hakan Çopur
29 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
ВАШИНГТОН
Бројот на починати од последиците предизвикани од заразеност со Ковид-19 во САД е поголем од бројот на Американци што загинаа во Виетнамската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на податоците што ги објави Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој постојано ги ажурира информациите поврзани со пандемијата на Ковид-19, во САД од новиот тип коронавирус (Ковид-19) починале поголем број Американци отколку во Виетнамската војна.
Според последните податоци, од Ковид-19 во САД починале 59.266, што е поголема бројка во однос на податоците од американскиот Национален архив, според кои во Виетнамската војна загинале 58.220 Американци.
Американските медиуми објавија дека процентот на смртност од заразеност со Ковид-19 е поголем од процентот за време на Виетнамската војна. Додека смртноста во САД во периодот на пандемијата на Ковид-19 изнесува 17,6 лица на 100.000 жители, во периодот на 1968 година, кој се смета за најинтензивен период од Виетнамската војна, загинаа 8,5 Американци на 100.000 жители на САД.
Според последните податоци, во САД се регистрирани 1.035.765 лица позитивни на тестот за новиот тип коронавирус, а од последиците предизвикани од заразеност со Ковид-19 во оваа земја животот го загубија 59.266 лица.