ekipa
26 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
МОСКВА
Владата на Русија најави запирање на сите меѓународни летови почнувајќи од петок, со цел спречување на ширењето на новиот коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Исклучок ќе бидат летовите кои ги враќаат руските државјани од странство“, се наведува во соопштението објавено денеска на интернет-страницата на Владата.
Претходно овој месец, руските власти го ограничија авиосообраќајот на редовните летови до светските престолнини и чартер-летови.
Новата мерка е воведена бидејќи бројот на случаи на заразени со коронавирус во Русија забрзано расте. Вчера Владата потврди вкупно 658 случаи на заболување со Ковид-19, со 163 нови во однос на претходниот ден. Тоа е значајно поголем дневен пораст отколку претходните недели, кога бројот на случаи растеше за неколку десетици дневно.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 471.000. Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.000 лица.