Esat Fırat
23 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
Управата на исламските вакуфи во Ерусалим (Кудс) соопшти дека по клањањето на утринската молитва (сабах-намаз) од утре ќе биде затворена џамијата Ал Акса, а одлуката е донесена во рамките на борбата против ширњето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека по утринската молитва ќе бидат затворени сите порти на Ал Акса.
Истиот извор јавува дека и понатаму ќе се учат езани, повици за молитва, а верниците се советуваат да останат дома и да ги почитуваат мерките за борба против пандемијата.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Според податоците на сајтот „Worldometer“, од коронавирусот досега се заразени 337.727 лица, а од последиците на заразувањето починаа најмалку 14.441 лица. Излекувани се 96.958 заболени лица.
Од епидемијата најтешко се погодени Италија со 5.476 смртни случаи, потоа Кина со 3.261 починати, Шпанија со 1.756 починати и Иран во кој од последиците на заразувањето починаа 1.685 лица.