Muhammed Emin Canik
14 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Во земјите од Латинска Америка продолжува да се зголемува бројката на смртни случаи предизвикани од новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во последните 24 часа од последиците предизвикани од Ковид-19 во Бразил починаа 309 лица, во Аргентина 386, во Мексико 475, во Колумбија 156, во Перу 62 и во Чиле 17 лица.
Според податоците објавени од Министерството за здравство на Бразил, во последното деноноќие во Бразил починале 309 лица заразени со Ковид-19, со што вкупната бројка на лица што починаа од коронавирусот се зголеми на 150.998. Бројката на лица кај кои во последните 24 часа е детектиран Ковид-19 изнесува 10.220, зголемувајќи го вкупниот број позитивни на коронавирусот на 5.113.628.
По Соединетите Американски Држави (САД) и Индија, Бразил е трета земја во светот според бројката на лица позитивни на коронавирусот. Во оваа земја оздравеа 4.526.975 лица што претходно биле позитивни на Ковид-19.
- Аргентина -
Министерството за здравство на Аргентина информираше дека во последното деноноќие починале 386 лица од последиците предизвикани од Ковид-19, со што вкупната бројка се зголеми на 24.572. Во истиот период детектирани се 13.305 новозаразени, со што вкупниот број лица позитивни на коронавирусот се искачи на 917.035.
Во Аргентина, која има 45 милиони жители, досега оздравеа 742.235 лица заразени со коронавирусот.
Иако Аргентина како превенција од ширењето на коронавирусот спроведе многу долг карантин, сепак оваа земја ја мина Шпанија според бројот на лица позитивни на вирусот и сега се наоѓа на 7. место во светот.
Аргентина го воведе карантинот на 20 март, а подоцна постепено почна во голема мерка да ги олеснува неговите правила, но генерално, карантинот е продолжен до 25 октомври во 18 покраини.
- Мексико -
Министерството за здравство на Мексико соопшти дека во последните 24 часа во земјата починале 475 лица заразени со коронавирусот, а детектирани се 4.295 новозаразени.
Во Мексико, кое брои популација од 126 милиони жители, досега се регистрирани 84.420 смртни случаи, а вкупниот број лица позитивни на коронавирусот изнесува 825.340. Во оваа земја досега оздравеа 601.571 лице позитивни на Ковид-19.
Мексико со фармацевтските компании „АстраЗенека“, која е од британско и шведско потекло, со американската „Фајзер“ и со кинеската „Кансино“ потпишаа договори за купување на вкупно 146 милиони вакцини.
Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, соопшти дека овие договори се постигнати со желба државјаните на оваа земја да бидат меѓу првите што ќе ги добијат вакцините, додавајќи дека вакцините ќе му бидат поделени бесплатно на народот.
- Колумбија -
Според информациите што ги објави Министерството за здравство на Колумбија, во последните 24 часа од Ковид-19 починале 156 лица, зголемувајќи го вкупниот број смртни случаи на 28.141.
Во последните 24 часа детектирани се 5.015 лица позитивни на коронавирусот, зголемувајќи го вкупниот број на заразени со вирусот на 924.98. Во оваа земја досега оздравеа 806.703 заразени со Ковид-19.
Колумбија, која брои популација од околу 50 милиони, е 6-та земја во светот според бројката на заразени со Ковид-19.
- Перу -
Според информациите што ги објави Министерството за здравство на Перу, во последните 24 часа починале 62 лица од последиците предизвикани од коронавирусот, а детектирани се 943 новозаразени.
Во оваа земја вкупниот број заразени се искачи на 853.974, починаа 33.419 заразени, а оздравеа 753.959 лица кај кои бил детектиран коронавирусот.
Перу со популација од околу 32 милиони жители се наоѓа на 8. место во светот според бројката на заразени со коронавирусот и по бројот на смртни случаи како последица на вирусот.
- Чиле -
Министерството за здравство на Чиле соопшти дека во последните 24 часа починале 17 лица од вирусот Ковид-19, а детектирани се 1.392 новозаразени.
Во Чиле, со популација од над 19 милиони жители, бројката на починати од Ковид-19 изнесува 13.396, вкупната бројка на заразени се искачи на 484.280, додека оздравеа 456.499 лица претходно заразени со коронавирусот.