свет, Коронавирус

Кризата предизвикана од Ковид-19 повеќе ги погодува градовите, селата ги спасува земјоделството

„Луѓето од селата можат да си обезбедат храна сами преку земјоделството...додека луѓето во урбаните подрачја се сè повеќе зависни од храната на пазарите“

Ekipa  | 31.05.2020 - Обновена : 01.06.2020
Кризата предизвикана од Ковид-19 повеќе ги погодува градовите, селата ги спасува земјоделството

РИМ (АА) - Бидејќи светот продолжува со борбата против вирусот Ковид-19, милиони луѓе во најсиромашните земји станаа уште поранливи поради падот на економијата и несигурноста во однос на храната, предупредуваат експертите на Обединетите нации (ОН).

Светската програма за храна (WFP) соопшти дека економската ситуација и ризиците од несигурноста на храната продолжуваат да се влошуваат поради ефектите од пандемијата на коронавирусот, наметнувајќи дополнителни закани за подрачјето на Африка, кое веќе се бори со екстремна сиромаштија.

Постои опасност околу 265 милиони луѓе оваа година да се соочат со глад, речиси двојно повеќе од 2019 година, според најновите предвидувања на Светската програма за храна.

Експертите велат дека падот на глобалната економија врз малите економии е сè повидлив, и делува преку различни канали.

„Земјите што зависат во голема мера од туризмот, помошта од странство, од увоз на храна или извоз на основни производи ќе се соочат со сериозна ситуација“, изјави за Агенција Анадолија (АА) Сузана Сандстром, шефицата на Одделот за економија и пазари при Светската програма за храна (WFP).

Таа истакна дека најранливи земји се оние што се погодени не само од еден, туку од неколку фактори во исто време и дека нема да можат да се заштитат себеси.

- Клучното економско влијание -

Првиот фактор што ги погодува ранливите економии е цените на основните производи, кои паднаа по падот на цената на суровата нафта на рекордно најниско ниво, намалувајќи ги приходите од извозот кој е од витално значење за големи делови на светот во развој.

Вториот фактор е туризмот, кој значително придонесува за прилив на девизи во многу кревки земји. Светската организација за туризам на ОН очекува меѓународните туристички патувања да се намалат за дури 30 отсто во 2020 година, погодувајќи ги земјите во развој, кои ги базираат своите економии врз инфлуксот на странски туристи.

Помошта од странство, третиот клучен канал преку кој се одразува економскиот пад врз сиромашните земји, е одговорна за најмногу 30 отсто од бруто домашниот производ кај малите економии, кој се очекува драматично да опадне, како што беше случај со економската криза во 2008 година.

Економистите очекуваат протокот на странски директни инвестиции во 2020 година да се намали за 40 отсто.

Другиот клучен фактор што влијае на најсиромашните земји е зависноста од увозот на храна, со што оние што се потпираат на тој увоз се изложени на економски пад и зголемена несигурност во однос на храната. Ова предизвикува зголемен притисок врз домашните цени во време кога куповната моќ на домаќинствата се влошува поради големиот процент на изгубени приходи поради кризата.

Пандемијата на Ковид-19 и мерките на ограничување што следеа, зедоа голема жртва на глобално ниво во однос на невработеноста. Меѓународната организација на трудот (ILO) предвидува намалување на работното време во вториот квартал на 2020 година, што е еквивалентно на 195 милиони работници со полно работно време.

„Оние луѓе кои веќе живееја под линијата на сиромаштија, сега ги губат и работните места. Тоа се оние кои се најмногу погодени“, рече Сандстром.

Таа истакна дека економската несигурност поради запирање на помошта од странство и загубата на работните места се претвора во несигурност во однос на снабдувањето со храна, што исто така се влошува и поради зголемувањето на цените на храната.

„Подрачјата со најголем ризик се претежно земјите во Африка кои веќе се соочуваа со економски проблеми и несигурност во однос на храната“, истакна Сандстром, алудирајќи на Јужен Судан, Нигерија, Ангола и Блискиот Исток.

Таа нагласи дека популацијата бегалци кои живеат во камповите е особено изложена на економските и санитетските влијанија од пандемијата, кои честопати се комбинираат со други фактори.

- Улогата на Светската програма за храна -

За да му помогне на ранливото население да се справи со пандемијата и нејзините економски последици, Светската програма за храна се фокусира на одржување ефективни операции.

„Ние ги продолжуваме нашите операции низ целиот свет, осигурувајќи се дека дистрибуцијата на храна или трансферот на пари може да се реализираат почитувајќи ги безбедносните и санитарните услови“, рече Сандстром.

Светската програма за храна соработува со владите, со цел да помогне во изградбата на безбедносни мрежи за заштита на луѓето кои ги губат работните места и се изложени на екстремна сиромаштија.

Сандстром истакна дека од кризата со Ковид-19 повеќе се зафатени урбаните области поради ефектот на приходите.

„Луѓето од селата можат да си обезбедат храна сами преку земјоделството“, рече таа. „Додека луѓето во урбаните подрачја се сè повеќе зависни од храната на пазарите.“

Друг критичен проблем за Светската програма за храна е затворањето на училиштата во сиромашните земји, каде што многу семејства добиваат помош во храна преку програмите за училиштен оброк.

„Моравме да најдеме други начини да дојдеме до овие семејства и да им помогнеме бидејќи децата не ги добиваа своите училишни оброци. Ова може да се направи со испорака на оброците на децата дома или наместо тоа, обезбедување пари за семејствата“, рече Сандстром.

Друга клучна улога на Светската програма за храна (WFP) е да обезбеди логистика на хуманитарниот персонал на ОН и другите организации на терен, осигурувајќи го нивниот пристап до болниците и заштитна опрема за нивна заштита од зарази.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.