свет, Коронавирус

Ковид-19 го предизвика најголемиот пад на животниот век во САД од Втората светска војна

Просечниот животен век на Американците во 2020 година опадна за една и пол година, а падот е уште поголем за Афроамериканците и Латиноамериканците - три години

Andrew John Roesgen  | 22.07.2021 - Обновена : 23.07.2021
Ковид-19 го предизвика најголемиот пад на животниот век во САД од Втората светска војна

ЧИКАГО (АА) - Животниот век во Соединетите Американски Држави (САД) се намали за една година, досега најголемиот пад уште од Втората светска војна, покажуваат податоците објавени од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Просечниот животен век на Американците во 2020 година опадна за една и пол година, а падот е уште поголем за Афроамериканците и Латиноамериканците - три години.

Падот главно се должи на пандемијата на коронавирусот, за која ЦДЦ истакна дека е одговорна за речиси 74 отсто од вкупниот пад на животниот век.

Белите Американци сега имаат животен век од 77 години и 7 месеци.

Просечниот животен век на Афроамериканците е 71 година и 10 месеци.

Повеќе Американци починаа во 2020 година отколку во која било друга година во историјата - над 3,3 милиони. Од тие смртни случаи, на Ковид-19 се должат околу 11 отсто.

Последен пат кога животниот век опадна толку драматично за Афроамериканците беше за време на Големата депресија во средината на 1930-тите години.

Податоците за Латиноамериканците исто така покажуваат најголемо намалување на животниот век во историјата.

Генерално, животниот век за сите Американци беше најдолг во 2019 година, кога изнесуваше 78 години и 10 месеци.

Студијата на ЦДЦ откри дека кризата со Ковид-19 различно влијаела на расите: Ковид-19 е одговорен за 90 отсто од падот на животниот век на Латиноамериканците, 68 отсто за падот кај белците и 59 отсто за падот кај Афроамериканците.

Освен Ковид-19, предозирањето со дрога придонело за растот на бројот на починати и намалувањето на животниот век, особено кај белите Американци.

Раководителката на студијата, Елизабет Ариас, нагласува дека убиствата, кои бележат драматичен пораст во текот на минатата година, се мала, но значајна причина зошто Афроамериканците умираат помлади.​​​​​​​


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.