ТЕХЕРАН (АА) - Во Иран, како последица на заразата со смртоносниот коронавирус познат како Ковид-19 починаа уште четири лица, со што бројката на починати од овој вирус се зголеми на 19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обид да се спречи болеста, иранските здравствени власти ги повикаа луѓето да останат дома.
„Ќе биде побезбедно за луѓето доколку останат во своите домови. Пријавени се 34 нови случаи на зараза со вирусот во изминатите 24 часа, вклучувајќи 16 во Ком“, изјави вчера портпаролот на Министерството за здравство на Иран, Киануш Џаханпур.
Неофицијалните бројки покажуваат дека како последица на вирусот има над 50 смртни случаи, број што создава збунетост и страв во јавноста.
Постои недостиг на транспарентност во однос на степенот и сериозноста на појавата на коронавирусот во Иран, и состојбата се влошува со спротивставени изјави.
Иранскиот пратеник Амириабади Фарахани од градот Ком, епицентарот на епидемијата со коронавирус во Иран, ги вознемири луѓето со неговото тврдење дека потврдените случаи на зараза со коронавирусот биле во поголем број отколку што биле објавени од Министерството за здравство.
Фарахани изјави дека само 50 смртни случаи како последица на вирусот биле пријавени во Ком и дека повеќе од 250 лица биле ставени во карантин во градот, популарна дестинација за верниците кои доаѓаат во Иран.
Министерството, меѓутоа, ги оспори тврдењата на пратеникот, велејќи дека тој можеби бројките за смртни случаи од други болести како што е грипот ги помешал со бројките на коронавирусот.
- Забуна во земјата -
Среде оваа забуна, многу луѓе го обвинија Министерството за здравство дека го прикрива целокупниот степен и сериозноста на вирусот и не дејствува брзо за да го спречи неговото ширење.
„Постои толку голема забуна во врска со епидемијата на смртоносниот вирус, со која природно се зголемуваат стравот и паниката“, изјави за АА Абдула Садик, лекар од Техеран.
„Уште откако минатата недела беа пријавени првите два случаи од градот Ком, кој е еден од најфреквентните градови во Иран, протокот на информации не е изедначен со контрадикторните изјави и гласини што предизвикуваат уште поголем хаос. Се чини дека властите не биле подготвени за ваква здравствена криза.“
Иранската Влада пак вети дека ќе биде транспарентна во однос на деталите поврзани со епидемијата на вирусот.
„Секоја бројка на смртен случај како последица на коронавирусот во земјава ќе биде објавена. Ветуваме дека ќе бидеме транспарентни во однос на известувањето за бројките“, изјави портпаролот на Владата, Али Рабиеи.
Вирусот со кој се заразени повеќе од 79.000 лица низ светот и кој предизвика повеќе од 2.700 смртни случаи, претежно во Кина, постепено се шири низ различни делови од светот.
Во Иран е пријавена најголемата бројка на жртви од вирусот надвор од Кина, повеќе од Јужна Кореја, Јапонија и другите земји со поголем број потврдени случаи.
Првите случаи во Иран беа пријавени минатата среда, кога Министерството за здравство на Иран објави дека две лица починале во Ком, 150 километри јужно од Техеран.
„И двајцата пациенти беа во средината на осумдесеттите години, со слаб имунитет, при што, и покрај најголемите напори тие не можеа да се излекуваат од заразата“, изјави за АА доктор од болницата „Камкар Арабниа“ во Ком, каде што и двајцата пациенти починале.
„Сепак не е јасно како тие се здобиле со вирусот. Пациентите не патувале во странство и немаат историја на никакви инфективни болести“, изјави докторот.
- Причина за ширењето на вирусот -
Според непотврдените случеи, некои кинески работници во Ком, кои неодамна се вратиле во од? Кина, биле потенцијалниот извор за вирусот во градот.
Во рамките на 24 часа, беа потврдени уште три случаи од страна на иранските власти, два случаи во Ком и еден во соседниот град Арак, 260 километри јужно од Техеран.
Министерството за здравство не даде никакви детали во врска со тоа како случаите се размножиле толку брзо во градот Ком и се прошириле во другите области, исто така. Единствениот потврден случај во Арак бил лекар кој патувал од Ком. Тој подоцна закрепнал.
Со повеќе од 1 милион население, градот Ком е еден од најфреквентните градови и е центар за верскиот туризам во Иран. Градот е преплавен со верници од целиот свет, при што експертите сметаат дека тоа би можело да претставува причина за брзото ширење на вирусот од Ком во другите места во Иран и пошироко.
Многу верници веќе го напуштија градот, а некои се наоѓаат во нивните хотели.
Еден од верниците од Индија за АА изјави дека биле советувани да не излегуваат надвор.
„Ова е многу тешка ситуација, затоа што не можеме да шетаме низ градот, а не можеме да ја напуштиме земјата во моменталните околности“, рече Идрес Мохамед, аџија од Индија.
„Планиравме да се упатиме кон Ирак, но границите се затворени и сега остануваме без опции“, изјави тој.
Како превентивна мерка, локалните власти во Ком наредија затворање на сите образовни и културни институции, ги прекинаа колективните молитви во џамиите и светилишта и ги откажаа сите конференции и работилници во рок од најмалку една недела.
Слични наредби се издадени во главниот град Техеран, централна покраина Маркази, северната покраина Гилан - трите други места најтешко погодени од смртоносниот вирус - покрај покраиите Ардабил, Керманшах, Казвин, Занџан, Мазандаран, Голастан, Хамадан, Алборз, Семнан и Кордестан.
Во Техеран се затворени сите образовни институции до крајот на оваа недела.
- Недоволна подготвеност -
Иранските власти ги зајакнаа напорите за борба против смртоносниот вирус, при што со средства за дезинфекцијаа секојдневно го прскаат јавниот превоз во Техеран, вклучително и метроата.
Министерството за одбрана, во чии рамки дејствуваат индустриските единици низ целата земја, издаде наредби за масовно производство на средства за дезинфекција. Во извештајот на една локална новинска агенција се вели дека од вторник секој ден ќе се користат околу 20.000 литри дезинфекциски средства.
Производството на маски за лице е исто така во пораст, при што извештаите сугерираат дека Министерството за индустрија побарало од фабриките што произведуваат маски за лице да го зголемат производството до целосен капацитет.
Иранскиот претседател Хасан Рохани, исто така, издаде наредби до Министерството за здравство да формира национален команден центар кој ќе ги следи случаите на коронавирус и ќе ја спречи неговата појава.
Лекарите и медицинските експерти, за АА го потврдија недостигот на подготвеност за новата здравствена криза, недостигот на ресурси за нејзино решавање, како и растечкиот хаос и забуната околу бројот на жртвите.
„Јасно е дека нешто недостига во справувањето со оваа последна здравствена криза, можеби поради тоа што не очекувавме дека ќе излезе надвор од контрола и дека од Ком ќе се шири во другите делови на земјата“, рече д-р Салами, доктор од Гилан, град во северен Иран на бреговите на Каспиското Море, еден од четирите најпогодени градови во Иран.
„Можеби и недостигот на ресурси е проблем, исто така.“
Според владините официјални претставници, „кампањата за максимален притисок“ на Владата на САД врз Иран сериозно ја попречува можноста на земјата да се справи со оваа последна криза, бидејќи властите се соочуваат со ограничувања при увоз на неопходната опрема и сетови против заразата.
Официјален претставник на Иранската асоцијација на увозници на медицинска опрема претходно оваа недела рече дека американските санкции, како и ограничувањата наметнати на Иран од страна на глобалното тело за надзор на перење пари, им отежнуваат на здравствените власти во Иран при набавка на средства и опрема за борба против коронавирусот.
На почетокот од оваа недела, Оперативна група за финансиски акции (FATF) го смести Иран на својата црна листа, за што експертите во Иран сметаат дека може дополнително да влијае на здравствениот сектор во Иран.
- Иран изненаден од ненадејната здравствена криза -
Најновата здравствена криза ги изненади сите во Иран, како и здравствените власти.
„Ова се случи толку ненадејно и толку застрашувачки што не бевме сигурни дали да излеземе надвор или не, какви мерки на претпазливост да преземеме, каква храна да јадеме, каков воздух да дишеме“, изјави за АА, Саадат Алиреза, лице од Техеран, кој се занимава со продавање на имоти.
„Здравствената криза стана многу сериозна за навистина кратко време и за жал сѐ уште немаме јасни информации во врска со степенот на епидемијата, каква закана претставува и на кој начин да се спасиме од неа“, рече Алиреза.
Она што ги шокираше сите, вклучувајќи ги здравствените експерти во и надвор од Иран е зачудувачки високата стапка на смртност, што предизвикува многу теории на заговор и шпекулации, при што некои посочуваат дека бројот на потврдени случаи во Иран би можел да биде во илјадници.
Многу од соседните земји на Иран, кои пријавиле случаи на коронавирус од луѓе кои доаѓаат од Исламската Република, наводно ги затвориле вратите за патниците од земјата.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи рече дека затворањето на границите е привремена мерка, додавајќи дека неговото Министерство остварило разговори со нивните колеги во соседните земји преку амбасади, со цел да ги увери дека „ниту еден сомнителен случај нема да ги премине границите“.
„Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна состојба во некои делови од светот и природно е само колективно да се преземат некои мерки за да се спротивставиме на вирусот“, рече Абас Мусави.
СЗО изрази сериозна загриженост за ширењето на коронавирусот во Иран.
„Загрижени сме за сосотојбата во Италија и Исламската Република Иран“, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејзус.
„Изминатите неколку недели покажаа колку брзо може да се шири новиот вирус низ светот и да предизвика голем страв “, изјави тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
