Handan Kazancı,Havva Kara Aydın
09 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес најави продолжување на ублажувањето на ограничувањата воведени со цел спречување на ширењето на новиот тип на коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да се навикнеме на фактот дека новиот период кој го нарекуваме 'нова нормалност' ќе продолжи некое време“, изјави Ердоган по тричасовниот состанок на Кабинетот во главниот град Анкара.
Ердоган најави дека кино салите, театрите и шоу центрите ќе бидат повторно отворени од 1 јули ширум земјата. Тој додаде дека објектите како што се рестораните и кафулињата наместо досегашното затварање во 22.00 ќе работат до 24 часот.
Исто така, на граѓаните постари од 65 ќе им биде дозволено да излегуваат секој ден меѓу 10 и 20 часот, а ограничувањата на движењето за помладите од 18 години е потполно укинато под услов да бидат во придружба на родителите. Од 15 јуни со работа ќе започнат и салите за венчавки.
„Турските научници успешно го произведоа лекот Фавипиравир кој се користи во лекувањето на Ковид-19“, истакна Ердоган.
Турција од 1 јуни ја објави првата фаза на ублажување на рестриктивните мерки со оглед дека земјата напредуваше во борбата против пандемијата на Ковид-19. Во Турција до сега се потврдени 172.114 случаи на заразување со Ковид-19, додека бројот на излекувани надмина 144.598. Од последиците на Ковид-19 до сега починаа 4.728 лица, според податоците на Министерството за здравство.