Saniye Hülya Çorakçı Ertan
13 Април 2020•Ажурирај: 14 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган денес во Истанбул одржа состанок преку видеолинк со претставниците на својот кабинет. Состанокот се одржа во палатата Хубер во населбата Тарабија во Истанбул, а траеше 3 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот претседателот Ердоган се обрати пред медиумите изјавувајќи: „Турција одлучно ја продолжува борбата против пандемијата на коронавирусот (Ковид-19)“.
Ердоган нагласи дека Турција направила значаен напредок во доведување до контрола на епидемијата на Ковид-19, додавајќи дека земјата не се соочува со потешкотии во снабдување на својот народ со средства потребни за лично здравје и хигиена.
„Со преземените мерки, Турција се наоѓа на прво место на листата меѓу земјите кои ја ставија пандемијата под контрола на најбрз начин“, изјави тој.
Зборувајќи за медицинската помош што Турција им ја даруваше на земјите од светот, Ердоган изјави: „До денес испративме помош во 34 земји од светот. Со ваквата поддршка ќе продолжиме и во деновите што следат“.
Претседателот Ердоган нагласи дека Турција ќе продолжи со полициски час и за време на овој викенд за да се спречи ширењето на коронавирусот, при што наредниот полициски час ќе биде воведен од 18 април во 00:00 часот до 19 април во 24:00 часот.
„Како дел од борбата против епидемијата, одлучивме да продолжиме со полицискиот час за време на викенди, колку што е потребно во наредниот период“, изјави Ердоган по тричасовниот виртуелен состанок на Кабинетот.
„Турција до 15 мај ќе ја заврши изградбата на новата болница за пациентите заразени со Ковид-19 во Башакшехир, Истанбул“, додаде тој.
Ердоган исто така најави изградба на две нови болници со вкупно 350 кревети во Истанбул за пациентите заразени со Ковид-19.
Турскиот претседател исто така ја отфрли можност за било каков договор за задолжување со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за време на пандемијата.
Денес бројот на починати во земјата од Ковид-19 се искачи на 1.296. Во земјата има речиси 61.049 потврдени случаи на заразување со Ковид-19.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 1,87 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 116.000. Речиси 441.800 пациенти се излекувани.