Ekipa
27 Јуни 2020•Ажурирај: 29 Јуни 2020
АТИНА (АА) - Грција забележува уште еден раст на заразени со Ковид-19, со 23 дополнителни случаи, објави денес Националниот институт за јавно здравје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од почетокот на епидемијата во земјата потврдени се вкупно 3.366 заразени со коронавирусот, а досега се излекувани 1.374 лица.
Бројот на починати од Ковид-19 во земјата достигна 191, а во изминатите 24 часа нема пријавени смртни случаи.
Националниот институт за јавно здравје соопшти дека од сите потврдени случаи, 753 се поврзани со патувања во странство, 1.873 со други случаи, додека за останатите сè уште се истражува.
Само неколку дена пред отворањето на своите граници за сите меѓународни летови на 1 јули, Грција в понеделник планира да преземе уште еден чекор кон целосно укинување на ограничувањата, со повторно отворање на повеќе бизниси.
Ќе се отворат казината, ќе биде дозволено одржување на концерти, конференции и саеми, но и летни кампови за деца.
Грчките власти потенцираат дека деловните субјекти, но и граѓаните, задолжително ќе мора да ги почитуваат мерките за социјална дистанца со цел да се заштити јавното здравје.