Ekipa
10 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах, денеска изјави дека борбата против пандемијата на коронавирусот е главен приоритет за новата Федерална влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Главниот приоритет за нас е да го заштитиме населението во здравствената криза“, рече Лаутербах за време на телевизиската парламентарна дебата за амандманот на законот за здравство кој ќе вклучува задолжителна вакцинација за здравствените работници како што се вработените во болниците, домовите за стари лица и во други здравствени објекти.
„Ќе направиме сѐ што можеме за брзо завршување на оваа криза“, вети министерот.
„Со амандманот на Законот за заштита од инфекции, ќе се создаде инструмент за разбивање на бранот на пандемијата со делта-варијантата и што е можно побрзо ќе се спречи бранот со варијантата Омикрон“, додаде Лаутербах.
Тој ги повика опозициските партии на соработка, велејќи дека оваа здравствена криза не треба да се инструментализира за политички спорови.
„Оваа пандемија е задача на сите нас“, повтори тој.
Новата Влада сака масовно да ја засили кампањата за вакцинација во следните неколку недели во екот на четвртиот бран на пандемијата и новите варијанти на вирусот.
Канцеларот Олаф Шолц ја објави целта од аплицирање на 30 милиони вакцини до Божиќ. Ова би вклучувало и прва, втора и бустер доза.
Владата планира да ги заостри ограничувањата за невакцинираните и воведување дополнителни мерки за вакцинираните лица во обид да се надмине четвртиот бран пред божиќните празници.