Selman Aksünger
08 Август 2022•Ажурирај: 10 Август 2022
ХАГ (АА) - Во Холандија во тек се дебати за донесување постојан закон што ќе ѝ овозможи на Владата да ги наметне неопходните ограничувања за Ковид-19 и слични епидемии, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста објавена од државната новинска агенција „NOS“ се наведува дека Унијата на општини, Сојузот на градоначалници и холандскиот Совет за безбедност се противат да се даде овластување на Владата да донесе постојан закон за Ковид-19.
Се нагласува дека Владата добила критики од аспект дека планираните измени на Законот за јавно здравје се „нејасни“, „двосмислени“ и „ирационални“.
- Законот нејасен -
Во веста, каде што се нагласува дека мерките преземени во епидемијата на Ковид-19 биле избрзани и морале да се спроведат без соодветна дискусија, се додава: „Не се јасни должностите и овластувањата на општините, градоначалниците и безбедносните зони.“
Лисбет Спис, претседателката на Здружението на градоначалници на Холандија, оценувајќи го предлог-законот рече: „Не е јасно кој која одговорност ќе ја исполни во случај на епидемија.“
Експертите, како што пишува во веста, советуваат целосно да се променат некои од законите што се применуваат во пандемијата на Ковид-19.
„Регулативите на Министерството за Ковид-19 се закони кои брзо се донесоа, но тие не треба да се сметаат за лош закон“, рече портпаролот на холандскиот министер за здравство Ернст Кауперс.
Владата на крајот на летото сака да ги донесе во Парламентот измените на Законот за јавно здравје, со кои се даваат овластувања како што се спроведување на неопходните ограничувања во случаи на Ковид-19 и слични епидемии, прогласување безбедносни зони во земјата и назначување претседател на нив.