Elena Teslova
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
МОСКВА (АА) - Бројот на дијагностицирани случаи на коронавирусот Ковид-19 во Русија денес се приближи до 300.000, бидејќи во текот на изминатите 24 часа се пријавени над 9.200 новозаразени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјата регистрираше 9.263 случаи во текот на изминатиот ден, достигнувајќи вкупно 299.941 случај на Ковид-19.
„Бројот на починати се искачи на 2.837, вклучувајќи ги и 115-те смртни случаи регистрирани во текот на вчерашниот ден“, се вели во дневниот извештај на работната група за вонредни состојби.
Во меѓувреме, во изминатите 24 часа регистрирани се 5.921 излекувано лице, чиј вкупен број достигна 76.130.
Во понеделникот рускиот премиер Михаил Мишустин - кој учествува во работата на Владата од болницата каде што е на лекување поради коронавирусот - објави дека иако ситуацијата со ширењето на вирусот во Русија останува голем предизвик, надлежните успеале да го запрат растот на инциденцата на заболувањето.
Тој додаде дека 27 од 85 руски региони, каде што морбидитетот на 100.000 жители е под еден, можат постепено да ги укинат ограничувањата за изолација.
Но исто така истакна дека лицата на возраст над 65 години мора да останат во самоизолација барем до крајот на мај во сите региони.
„Русија стана лидер во однос на извршените тестирања за вирусот, со над 300.000 тестови дневно, а вкупно досега спроведени се над 7,3 милиони тестови, со откриени 267.000 лица сомнителни на вирусот“, додаде Мишустин.
Во одделна изјава, вицепремиерката Татјана Голикова објави дека растот на заразувањето во Русија во текот на изминатите недели опаднал за 23,4 отсто на национално ниво и 47,5 отсто во Москва, најтешко погоденото подрачје во земјата.
Просечната стапка на ширење на Ковид-19 во земјата е 0,9, но во 43 региони бројката е сè уште голема.
Пандемијата на коронавирусот Ковид-19 зеде над 318.000 животи во 188 земји и региони, откако за првпат беше регистриран во Кина минатиот декември.