Elena Teslova
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
МОСКВА (АА) - По неколку недели забавено ширење на коронавирусот, Русија денеска објави нов рекорден број на случаи и починати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Работната група за вонредни состојби на Русија во изминатото деноноќие регистрира 29.935 новозаразени, со што вкупниот број лица кои биле изложени на вирусот порасна на 2,96 милиони, а активните случаи на 539.735.
Во истиот период од Ковид-19 починаа 635 лица, со што бројот на смртни случаи од овој вирус во земјата достигна 53.096, додека 26.890 се излекуваа, со што вкупниот број на оздравени лица достигна 2,37 милиони.
Руските власти веќе започнаа да се подготвуваат за новогодишните празници, издавајќи препораки со цел да се избегне понатамошното ширење на вирусот.
Главниот санитарен инспектор Ана Попова препорача да се даде приоритет на активностите на отворено, како и намалување на патниците во јавниот превоз, метежот во трговските центри и другите места на голема концентрација луѓе.
Таа исто така истакна дека носењето заштитна маска и одржувањето физичка дистанца во Русија е задолжително.
Во моментот, вкупниот број на заразени во Русија е петти најголем во светот, по САД, Индија, Бразил и Франција.