Elena Teslova
29 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
МОСКВА (АА) - Русија денес регистрираше 652 нови смртни случаи како последица на новиот вид коронавирус (Ковид-19), што досега е најголем број на починати од почетокот на пандемијата, со тоа што вкупниот број на починати како последица на вирусот изнесува 134.545, наведе Руската работна група за итни случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во земјата е забележан благ пад на бројот на случаи на заразување со коронавирус, со што во последните 24 часа се забележани 20.616 нови случаи на заразување, при што вкупниот број на заразени се искачи на 5,49 милиони случаи и на 374.975 активни случаи.
Бројот на оздравени лица во Русија се зголеми за 14.697, при што од вчера бројката на оздравени достигна 4,98 милиони.
Иако Москва пријави помалку случаи - 6.209 - во споредба со претходниот ден, рускиот главен град е сè уште на врвот на регионите со најмногу случаи на заразување.
Исто така, бројот на жртви во текот на еден ден е на највисоко ниво, при што 121 лице почина од вирусот во Москва изминатиот ден.
Властите го припишуваат зголемениот број на заразени на ширењето на т.н. индиски сој на коронавирусот, Делта, којшто е многу позаразен, поагресивен и потежок за лекување.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека доколку не била варијантата на коронавирусот Делта, Москва одамна ќе ја поразела епидемијата.
Минатата недела, официјалните лица во неколку руски региони, вклучувајќи ја Москва и нејзината околна област, наредија задолжително вакцинирање на неколку категории вработени, воведувајќи казни за непочитување.
Во главниот град Москва беа објавени дополнителни мерки, вклучително и ограничувања за посета на ресторани, забави и спортски места.
Во Русија повеќе од 11 отсто од популацијата досега се вакцинирани против коронавирусот, а власта се труди да ја забрза имунизацијата со помош на кампањата за подигање на свеста за важноста на вакцинацијата.