Ekip
20 Јуни 2021•Ажурирај: 21 Јуни 2021
ЛОНДОН
Велика Британија трет ден по ред регистрира повеќе од 10.000 случаи на заразување со коронавирусот (Ковид-19) за едно деноноќие, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Експертите предупредуваат дека е започнат третиот бран од пандемијата на Ковид-19.
Велика Британија вчера потврди 10.321 нов случај на Ковид-19, со што вкупната бројка на заболени порасна на повеќе од 4,6 милиони. Регистрирани се и 14 смртни случаи од последиците на заразување со Ковид-19, вкупно 127.970.
Повеќе од 42,6 милиони Британци ја примиле првата доза на вакцината против Ковид-19, додека повеќе од 31 милион потполно се вакцинирани.
Брзиот пораст на случаите и покрај формирањето на пунктовите за брза вакцинација е предизвикан од варијантата „Делта“, што прв пат е идентификувана во Индија, а сега веќе е доминантна во Велика Британија.
Професорот Адам Фин од владиниот Заеднички одбор за вакцинација и имунизација (JCVI) рече дека третиот бран е во тек.
„Можеме да заклучиме дека почна трка помеѓу вакцинацијата кога е во прашање имунизацијата на повозрасните луѓе и третиот бран од Делта-варијантата“, рече Фин.
Според него, доколку поскоро заврши имунизацијата на повозрасните лица, помалку ќе има хоспитализирани.
Сите повозрасни од 18 години можат да се вакцинираат, а фудбалските терени и парковите се меѓу локациите што низ државата се користат како центри за вакцинација.