Tufan Aktaş
08 Април 2020•Ажурирај: 09 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Шефот на институцијата која раководи со борбата против ширењето на Ковид-19 во Африка, Џон Нкенгасонг, изјави дека Африка располага со резерви на опрема и материјал кои се доволни за само две или три наредни недели, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Центарот за превенција на болести во Африка (Africa CDC), Нкенгасонг, за весникот „Africa Renewal“ изјави дека најголема среќа за Африка е тоа што пандемијата на Ковид-19 не започнала од тој континент.
„Имавме можност да оспособиме дел од персоналот додека вирусот се ширеше во другите региони. Постои глобален проблем во испораката на медицинската опрема и лекови, и гледаме дека и во Њујорк има недостиг на респиратори. Ние во Африка не произведуваме таква опрема и во моментот ни е особено важно да дојдеме до неа на пазарот“, изјави Нкенгасонг.
Тој изјави дека во соработка со Кина, Етиопија и Светската здравствена организација, во Африка се поделени 1 милион дијагностички тестови, 6 милиони заштитнички маски и 60.000 заштитни комбинезони.
„Моментално во складиштето имаме доволно опрема за две или три недели, но во тој период мораме да се погрижиме за набавка“, изјави Нкенгасонг.
Според податоците на африканскиот Центар за превенција на болести, на тој континент со коронавирусот се заразени повеќе од 10.000 лица, а починале речиси 500 заболени.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година, и досега се рашири во 200 земји низ светот.
Во светот се регистрирани над 1,44 милион потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 83.100. Речиси 308.000 пациенти се излекувани.