Recep Şakar
08 Април 2020•Ажурирај: 09 Април 2020
МЕЛБУРН
Од последиците на заразеност со новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Австралија досега починаа 50 лица, а повеќе од 6.000 биле позитивни на тестот за Ковид-19. Оние лица што во оваа земја намерно го шират новиот тип коронавирус ќе бидат осудени на доживотна казна затвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Грег Хант, министерот за федерално здравје на Австралија, соопшти дека лицата што се обидуваат намерно да ја шират заразата со Ковид-19 и притоа се причина за смртта на еден здравствен работник, ќе бидат казнети со доживотна казна затвор.
Хант посочи дека во последно време забележително се зголемени нападите врз здравствените работници и додаде: „Се консултирав со Министерството за правда. Намерното ширење на заразата со Ковид-19 претставува кривично дело според општите казнени закони што се применуваат во сите сојузни држави и територии. Најсериозно кривично дело претставува намерното заразување на здравствен работник со вирус што може да биде чекор кој може да предизвика смрт. Во тој случај лицето што го сторило кривичното дело се соочува со казна доживотен затвор.“
- На здравствените работници ќе им бидат поделени 11 милиони маски
Со цел да се спречи заразувањето на здравствените работници, министерот Хант информираше дека ќе бидат поделени 11 милиони маски, заблагодарувајќи им се на лекарите, медицинскиот персонал, аптекарите, здравствените работници и вработените во домовите за старци, кои во првите редови се борат да ги спасат човечките животи.
- На оние што не ги почитуваат правилата за карантин ќе им бидат ставени електронски стеги
Премиерот на австралиската сојузна држава Западна Австралија, Марк Мекговен, соопшти дека се купени 200 електронски лисици за оние што не ги почитуваат правилата за карантин.
Мекговен информираше дека со цел да се заштити заедницата, лицата на кои ќе им бидат ставени електронски лисици ќе бидат следени со помош на ГПС и додаде: „Се надевам дека ќе нема потреба да го користиме поголемиот дел од овие уреди.“
Како превентивни мерки за спречување на ширењето на пандемијата на новиот тип коронавирус во Австралија, затворени се местата за богослужба, базените, музеите, библиотеките, плажите, при што е воведена забрана за излегување од дома, освен за одење на работа или на училиште, за вежбање и снабдување на основните животни потреби.
Во Австралија лицата што пристигнуваат од странство принудно се ставаат во карантин. Во исто време, забрането е собирање на повеќе од две лица на отворен или затворен простор, освен ако тие не се членови од исто домаќинство.
На погребните церемонии можат да присуствуваат најмногу 10 лица, а свадбените церемонии се спроведуваат со најмногу 5 лица. Оние што не ги почитуваат правилата се казнуваат парично и со казна затвор.