Servet Günerigök
01 Јули 2020•Ажурирај: 01 Јули 2020
ВАШИНГТОН
Директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести, Ентони Фаучи во обраќањето во Сенатот изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) дневно би можеле да имаат дури 100.000 нови случаи на заразување со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сега имаме над 40.000 нови случаи на заразување дневно. Навистина не би се изненадил доколку дневно имаме и до 100.000 случаи, доколку ситуацијата не се промени“, изјави доктор Фаучи.
Тој истакна исто така дека многу го вознемирува неодамнешниот скок на бројот на новозаразени кој оваа недела надмина 40.000 на дневна основа.
„Исто така прилично сум загрижен и поради она што токму сега се случува во неколку сојузни држави. Кога државите повторно ќе започнат да се отвораат, треба да се следат насоките и препораките“, изјави Фаучи.
Моментално неколку држави, вклучувајќи ги Аризона, Флорида и Тексас, бележат пораст на бројот на случаите на заразување и бројот на хоспитализирани пацинети поврзани со Ковид-19.
Бројот на заразени во САД надмина 2,6 милиони, вклучувајќи над 128.000 починати, а од Ковид-19 се излекуваа повеќе од 1,9 милиони лица.