Selçuk Kızıldağ
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЕСКИШЕХИР (АА) - Фризерот Тамер Ујсал по 30 години ги фрли ножичките и стана познат како „спајдермен“ кој заработува чистејќи прозорци и поставувајќи банери на високите згради и трговски центри, јавува Anadolu Agency (AA).
Ујсал, фризерот за жени од Ескишехир, во разговор за АА истакна дека пред три години престанал да работи како фризер и почнал повеќе време да издвојува за неговото хоби екстремно искачување.
„Бев лош ученик и уште од 13 години почнав да работам во еден фризерски салон за жени. По 30 години ги фрлив ножичките и почнав да се занимавам со екстремно искачување. Веднаш добив и голем број сертификати коишто ми овозможија така да заработувам за живот“, изјави 46-годишниот Ујсал.
Ујсал истакна дека со пријателите од клубот им помогнал на многу луѓе, и вели дека се сетил да ги чисти прозорците на високите објекти и да поставува реклами на тешко достапните места облечен во костим на популарниот филмски херој Спајдермен, поради што денес во Ескишехир сите го знаат под прекарот Спајдермен.
„Постојано сум на тешки задачи. Мојата работа е качување со јаже на тешко достапните места. Моето семејство не е баш среќно поради тоа. Мојата мајка и сопругата постојано ми велат дека тоа е опасно и дека можам да настрадам. На моторџиите им изгледа лесно брзото возење, па така, слично е и со мојата работа, мене не ми изгледа толку опасно како што другите тоа го гледаат. Внимавам на безбедноста и немам страв од височини“, изјави Ујсал.
На прашањето од новинарот како дошол до идејата да работи во костимот на филмскиот и стрип јунак Спајдермен, Ујасал вели дека во еднаш на интернет видел како искачувач во таков костим ги забавувал децата во една американска болница, што му дало идеја да отвори фирма и да почне да работи.
Тој додаде дека во секој миг е подготвен бесплатно да ги чисти прозорците на детските болници.
Од друга страна, неговата сопруга Умит Ујсал вели дека би сакала Тамер и понатаму да работи со неа во салонот.
„Тамер е тврдоглав и не може да му се докаже нешто по тоа прашање. Колку повеќе му зборуваме да не го прави тоа, тој внесува сѐ поголем ентузијазам во таа работа. Јас многу се плашам од височини и секојдневно се молам да не настрада додека се качува по облакодерите“, изјави сопругата на Тамер.