Muhammet Kurşun
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
ТЕХЕРАН (АА) - МУХАМЕТ КУРШУН -
Бехнам Џавид, слепиот уметник роден во Иран, може да свири на повеќе од 15 музички инструменти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џавид, 45-годишен професор по музичко образование кој живее во главниот град Техеран, со истиот ентузијазам веќе 33 години ја продолжува својата музичка авантура, која започна на 12-годишна возраст.
Тој постојано учи да свири на нови инструменти.
- 6.000 ученици од него научија да свират на инструменти -
Познат како „Мајстор Џавид“, уметникот ужива да свири на инструментите како што се рубаб, кеменче, тамбур, канун, уд, сетар и шуренгиз, кичек, виолина, како и на сазот донесен од Турција.
Џавит, кој држи часови по музика, повеќе од 6.000 ученици ги научи да свират на инструменти.
Во една соба во својата куќа педантно чува повеќе од 100 инструменти.
- Свои композиции, учество на концерти и во странство -
За дописникот на Агенција Анадолија (АА), објаснувајќи ја својата страст кон музиката, Џавид рече дека бил вклучен во многу музички групи во Иран, работел како уметник на државната телевизија и учествувал на многу концерти во странство.
„Сум присуствувал на концерти и фестивали во земји како што Италија, Кувајт и Германија, но сѐ уште не сум имал среќа да настапувам во Турција“, рече уметникот Џавид.
- „Се уморувам кога предавам, се опуштам со музика“ -
Наведувајќи дека има многу композиции и албуми составени од негови композиции, Џавид нагласи: „Кога не компонирам, ја контролирам музиката на пејачите во песните, и таму забележувам и најмала грешка.“
Нагласувајќи дека музиката за него значи повеќе од работа, Џавид рече: „Многу уживам во музиката. Се уморувам кога држам предавања, потоа се опуштам со музика. Затоа што музиката што ме изморува додека работам, ми дава мир на умот кога одморам.“
- „Имам над 100 многу добри инструменти во мојата соба“ -
Изразувајќи ја својата љубов кон сите инструменти, Џавид додаде:
„Ги сакам и се грижам за сите музички инструменти. Кога ќе наидам на некој инструмент кој е различен и кој ми се допаѓа, сакам да ги намалам трошоците за храна и да го купам тој инструмент. Во мојата соба во моментов има повеќе од 100 многу добри инструменти. Бидејќи ги купив за 33 години, немав финансиски тешкотии. Ама нивната вредност не ја мерам со пари.“
- „Многу уживам да изведувам музика“ -
Посочувајќи дека музиката за него значи повеќе од работа, иранскиот уметник нагласи: „Многу уживам да изведувам музика.“
Џавид наведе дека многу ја сака турската музика и е многу заинтересиран за неа, при што направи споредба меѓу турските и иранските инструменти: „Нема голема разлика меѓу музичката уметност во Турција и Иран. Педесет проценти од нашите инструменти се исти. Останатите 50 проценти одговараат на нашите вкусови. Сведоци сме дека нашите турски пријатели покажуваат голем интерес за инструментите кои ги има во Иран, а ги нема во Турција.“
„Би сакал да одржам концерт со големите мајстори на инструментот саз во Турција“
Објаснувајќи дека сака да настапи и во Турција, уметникот Џавид додаде:
„Турската и иранската музика се слични. Многу ја сакам турската музика. Многу ме интересираат и турските музички инструменти. Купив 2-3 саза и одвреме-навреме вежбам. Би сакал да одржувам концерти со одлични мајстори на сазот во Турција.“