Vesna Besic
30 Март 2023•Ажурирај: 03 Април 2023
САРАЕВО (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -
Ноа Мијоши, младо момче од јапонскиот град Осака, во април минатата година дошол во Босна и Херцеговина со намера да тренира бодибилдинг, а во меѓувреме го прифаќа исламот и почнува да ги запознава културата и традициите на земјата, јавува Анадолу.
Ноа има 23 години, спортист, бодибилдер. Во исламот тој бил привлечен од вредности, како што се хигиената, одговорноста, редот и дисциплината. Намазот (молитвата) е одмор за неговата душа, а рече дека постот не го поднесува тешко.
- Знаел за војната -
Тој за Анадолу говореше за животот во Сараево, неговата родна Јапонија и за неговото прифаќање на исламот. Низ смеа вели дека научил и малку босански јазик.
„Роден сум во Осака. За Босна знаев многу малку. Мојот тренер за бодибилдинг живее тука. Ми рече дека може да ме тренира, но дека мора да дојдам во Босна и Херцеговина. Затоа дојдов тука. Не знаев дека во оваа земја живеат голем број муслимани, но знаев дека тука имало војна“, рече Ноа.
Сакал да тренира бодибилдинг, па решил да дојде во Босна и Херцеговина. Така почнал да ги запознава културата и традициите на земјата.
„По доаѓањето тука запознав многу пријатели муслимани што живеат во Босна и Херцеговина. Исламот ме трогна. Затоа и го прифатив. За исламот имав слушнато и порано, но не знаев многу за таа религија. Како што слушав за тоа, бев сѐ поимпресиониран. Мислам дека исламот е најдобрата религија. Верувам во Бог, но досега немав некоја религија во која верував“, рече Ноа.

Тој го избрал исламот бидејќи верува дека муслиманските семејства се најсреќни. Ова мислење го формирал откако се сретнал со семејства што практикуваат други религии.
„Не знам дали можам да кажам на овој начин, но мислам дека исламот е многу прониклива религија, муслиманите се љубезни“, рече Ноа.
- Поддршка од семејството -
Рамазан е деветтиот месец од хиџретскиот календар, кој муслиманите и муслиманките го минуваат во пост од утро до зајдисонце, стремејќи се да стекнат Божјо задоволство, морално прочистување и духовна сила.
На Ноа ова му е втор Рамазан во Сараево, времето на богослужба го минува во сараевските џамии, а доаѓа и во Беговата џамија на теравија (вечерна молитва за време на Рамазан).
„Мојот тренер е муслиман. Знаев за постот. Не е тешко“, рече Ноа.
Неговото семејство и пријателите го поддржале во одлуката да го прифати исламот.
„Ѝ се јавив на мајка ми и ѝ кажав. Таа само кратко рече: 'О, ок, добро е, со среќа.' Така реагираа и сестра ми и брат ми. Никој не е против исламот. Моите пријатели ме замолија да им зборувам за исламот. Не може да јадеш свинско месо и да пиеш алкохол. Јас сум бодибилдер шест-седум години. Никогаш порано не сум јадел свинско месо или пиел алкохол бидејќи тие не се добри за телото. Затоа ова ми е лесно“, објасни Ноа.
Тој вели дека во Босна и Херцеговина најмногу му се допаѓаат луѓето, нивното гостопримство и срдечност. Меѓуоа, најмногу му недостасува јапонската храна.
„Ја сакам Босна, но навистина ми недостасува јапонската храна. Некогаш сакам да одам во Јапонија по храна. Многу е тешко прашање што сакам од босанската храна, има многу масти и шеќер. Јадам само пилешко и ориз“, рече Ноа низ смеа.
Неговите животни цели се да создаде семејство, да постигне успеси во спортот и да започне приватен бизнис.
Ноа го добил името од неговата мајка по божјиот пратеник Нух (Ноа). Како што рече тој, нејзина желба било син ѝ да го пропатува светот. Желбата на неговата мајка се исполни.