живот, култура и уметност

Индонезија: Пијанистка со оштетен вид создава музика од душа

Кога имала 7 месеци, Зизи добила силна грозница. Докторот дијагностицирал ретинопатија, болест што се јавува кај недоносени бебиња (ROP). Тоа е нарушување што на крајот доведува до трајно оштетување на видот.

Hayati Nupus  | 22.07.2018 - Обновена : 23.07.2018
Индонезија: Пијанистка со оштетен вид создава музика од душа ( Eko Siswono Toyudho - AA )

Dzakarta

ЏАКАРТА (АА) - Во музичката соба на Специјалното училиште „Пембина“ во Јужна Џакарта, 10-годишното девојче со оштетен вид, свири клавир, како да ги гледа неговите типки.

Алафта Хирзи Содик, позната и како Зизи, на клавир ја засвири песната на Луис Амстронг „What A Wonderful World“. Она што многу повеќе ве маѓепсува е тоа што таа песната ја изведува во сопствен аранжман.

„Навистина сакам да аранжирам песни“, рече Зизи за Anadolu Agency (AA).

И покрај нејзините ограничивања, постигна големи нешта. Минатата година Зизи го освои златниот трофеј на Азискиот уметнички фестивал во сингапурскиот Конзерваториум „Јонг Сие Тох“. За неа, тоа е огромен успех, бидејќи во конкуренција имаше стотици ученици од 13 земји. Зизи на Фестивалот настапи со песната „When You Wish Upon A Star“ од анимираниот филм за Пинокио, изведувајќи ја во сопствен аранжман.

На Фестивалот на пијано во Индонезија, 2017 година, доби дијамантска награда, а истата година стана и шампион на Националниот фестивалски и уметнички натпревар.

Во почетокот на месецов, Зизи учествуваше во „Азија има таленти“ во Сингапур. На аудицијата ја изведе песната „Time to Say Goodbye“ на Андреа Бочели и „You Are The Reason“ на Калум Скот, во сопствен аранжман.

И не само тоа. Зизи, ќерка на Нур Афифа и Џафар Сидик има одлични оценки и на училиште.

Нур Афифа никогаш не можела ниту да помисли дека ќерка ѝ ќе се роди слепа. Во петиот месец од бременоста неочекувано добила прекумерно крвавење. Во почетокот докторите предвидувале дека бебето не може да преживее, но за среќа, бебето Зизи, тешко само 900 грама, успешно е родено, живо и здраво.

Кога имала 7 месеци, Зизи добила силна грозница. Докторот дијагностицирал ретинопатија, болест што се јавува кај недоносени бебиња (ROP), нарушување што на крајот доведува до трајно оштетување на видот.

По овој настан, Афифа паднала во депресија. Таа и нејзиниот сопруг тешко ја прифатиле судбината, а Афифа три години не излегувала оддома.

„Во тој период, навистина посакував да умрам“, раскажува Афифа.

Три години подоцна, откако ја прочитала книгата на Мијуки Иное, успеала да си дојде на себеси. Таа вели дека книгата ѝ ја дала неопходната сила. Оттогаш, се посветила на читање книги и прирачници за развивање на потенцијалот кај децата со оштетен вид. Афифа ја охрабрила својата ќерка да учи да свири, пуштајќи ѝ звуци од многу инструменти.

Зизи, на само 3-годишна возраст, се заинтересирала за инструментите, особено за клавирот. Афифа откри и дека нејзината ќерка самата научила да свири на инструменти.

Две години подоцна Зизи учествува на Музички натпревар на кој ја освојува Наградата за најдобра слепа пијанистка. Кога наполнила 7 години, на свирењето клавир почнал да ја подучува пијанистот Елис Видирастри, по што нејзините вештини многу се подобриле. Зизи навистина знае сѐ, од музички аранжмани до убаво пеење.

Зизи е добра дури и во раскажување приказни. Неодамна победи на Натпреварот за писменост во Џакарта. Исто така, сака да го чита Куранот. Секој ден по молитвата, чита неколку курански стихови (ајети) и ги помни.

Тријанто Мурјоко, директор на Специјалното училиште „Пембина“, изјави дека се гордее со постигнувањата на Зизи.

„Секое дете со потешкотии во развојот има свој талент. Ако навистина го поддржиме, тоа со тек на време ќе успее“, нагласи Мурјоко.

Зизи откри дека нејзин најголем сон е да ја пее песната „Make You Feel My Love“ на британската пејачка Адел. За да успее во тоа, таа се труди и дава сѐ од себе како пијанистка.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.